Најнов број Насловна
Број 3015    сабота, 18 март 2006
 
 
 
 
 
 
 
   
THIS IS TEST TITLE
ОЛЕСНУВАЊЕ НА ВИЗНИОТ РЕЖИМ
Македонија не е имиграциски ризик за ЕУ

Жана П. Божиновска


Македонија не претставува имиграциски ризик за земјите од Европската Унија, па сепак македонските граѓани се изложени на понижувачки и недостоинствен третман во амбасадите на европските земји. Ова ќе биде еден од аргументите на македонските експерти што на 28 март ќе ги почнат разговорите со експерти од Европската комисија за наоѓање начини за олеснување на визниот режим. Олеснувањето прво би се однесувало за одредена категорија граѓани, почнувајќи од студенти, научни работници, бизнисмени, спортисти и превозници, кои би требало да добиваат визи по олеснети процедури, бесплатни и за подолг престој.

Меѓу аргументите, македонските експерти ќе ги споменат и новите пасоши кои ќе почнат да се издаваат во ноември, подготовката на визниот центар, договорите за реадмисија и граничното обезбедување.

Пред почнувањето на експертските разговори, Министерството за надворешни работи побарало податоци од амбасадите на земјите на ЕУ за бројот на поднесените барања и бројот на издадени визи за македонските граѓани. Целта, од една страна, била да се има увид во состојбата со визите за граѓаните, а од друга, тие податоци да се изнесат како аргумент за олеснување на визниот режим. Две недели по барањето, во МНР одговори испратиле само четири амбасади.

Во амбасадата на Велика Британија во 2005 година биле поднесени 2.911 барања за визи, а издадени биле 2.377 визи. Претходната 2004 година имало 3.068 барања, а одобрени биле 2.360. Во германската амбасада лани имало 20.953 барања, а визи добиле 15.834 граѓани.

Најголем процент на издадени визи имало во амбасадата на Италија. Лани од 11.955 барања за визи, одобрени биле 11.396, а претходната 2004 година имало 10.246 барања, а издадени биле 9.659 визи. Полската амбасада лани добила 1.140 барања, а издала 1.129 визи, а во 2004 година од 899 барања позитивно биле решени 885.

Амбасадата на Холандија, која ги покрива земјите од Бенелукс, лани издала 3.038 визи, а претходната година 2907, а австриската амбасада во 2005 година издала 5.180 визи.

Рекордот во издавање визи го држи Грција, чија Канцеларија за врски во Македонија лани, според неофицијалните информации, издала 70 илјади визи, а одбиени биле барањата на околу 5.200 граѓани.

Според податоците од Амбасадата на Швајцарија, просекот на примени барања за последните три години бил од 8.000 до 11.000 годишно, а одобрени биле 80 отсто.


НАСЛОВНА

 

© 2001 Дневник, сите права задржани