Најнов број Насловна
Број 3015    сабота, 18 март 2006
 
 
 
 
 
 
 
   
THIS IS TEST TITLE
ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ ВО СОФИЈА
"Контакт" - сериозен кандидат за "Стела артоа"

Ана Василевска - Наша известувачка од Софија



Со овации од публиката во преполната киносала "Лимиер" во Софија, вчеравечер беше дочекан крајот на проекцијата на македонскиот филм "Контакт" на Сергеј Станојковски. Уште во вчерашното утринско претставување на екипата на филмот пред жирито и новинарите, се создаде позитивна тензија. Во компетенција од 13 филмови, македонската суптилна љубовна драма е еден од фаворитите за главната награда, која ќе биде објавена в недела, на затворањето на десетто издание на Софискиот филмски фестивал, кога ќе биде доделена наградата "Стела артоа". Со петчленото жири претседава Андреј Плахов, руски филмски критичар и претседател на ФИПРЕСЦИ, кој е застапник на авторски филм со висока артистичка естетика.

- Холивудското кино е масивна индустрија во која инцидентно може да се случат убави нешта, но не сакам да се вовлекувам во тоа што денеска го нарекуваат мејнстрим. Тоа се производи на маркетингот кои исчезнуваат многу брзо. Во селекцијата на Софискиот филмски фестивал речиси и нема место за холивудските филмови и среќен сум што во регионот, како што е случај и со вашата земја, доаѓаат филмови кои претендираат да бидат уметност - ни рече Плахов.

Од афинитетите на Плахов, како и на другите членови на жирито, бугарскиот режисер Николај Волев, холандската продуцентка Клаудија Ландсберг, минатогодишниот добитник на главната награда на СФФ, ирскиот режисер Лени Ибрахам и една од најпопуларните бугарски документаристи, Златина Русева, може да се заклучи дека македонскиот "Контакт" има големи шанси за наградата.

Директорот на фестивалот, Стефан Китанов, смета дека Софискиот филмски фестивал по десет години прераснал во вистински репер за вредноста, пред се, на регионалниот филм.

Вниманието и симпатиите на публиката и на жирито ги освои и босанскиот филм "Небо над пејзажот", на режисерот Никола Ѓуриќ, кој во Софија ја доживеа светската премиера. По проекцијата, публиката ја поздрави обемната филмска екипа, која подоцна успешниот прием го прослави со интересен настап на групата од Сараево "Безимени", која на интересен начин интерпретираше филмски музички теми, меѓу кои и македонската тема на Влатко Стефановски од филмот "Џипси меџик".

Вчера, заедно со педесетина проекти, беше презентиран и македонскиот проект на Анета Лешиковска.

Десетдневната филмска фешта во Софија е во центарот на културниот живот, а во петте киносали се прикажуваат околу 150 филмови поделени во неколку програмски селекции.

Во големото здание на Националниот дворец на културата и објектите во околината кај киното "Лимиер", како и на софиските булевари пулсира фестивалската атмосфера.

Меѓу 200 специјални гости на фестивалот е еден од најголемите режисери на денешнината, Британецот Ален Паркер, претседател на Британската филмска академија.


НАСЛОВНА

 

© 2001 Дневник, сите права задржани