Најнов број Насловна
Број 3015    сабота, 18 март 2006
 
 
 
 
 
 
 
   
THIS IS TEST TITLE
СУДЕЊЕ ЗА СЛУЧАЈОТ "ТАЈНИ ШВАЈЦАРСКИ СМЕТКИ"
ФБИ испратил доказ дека документите на "Фокус" се фалсификат

Поранешниот премиер Хари Костов како доказ на судењето против Никола Младенов, обвинет за клевета, достави писмо од Министерството за правда на САД - Федерално истражно биро (ФБИ) во кое пишува дека банкарските изводи на Младенов за тајни швајцарски сметки се фалсификат. Писмото на ФБИ од февруари годинава било упатено до Републичкото и до Основното јавно обвинителство на Македонија. Во него пишува дека банкарските изводи од банката Американ експрес не се оргинални, а биле направени со компјутерската технологија "исечи и залепи".

На ова реагираа адвокатот Александар Тортевски и сопственикот на неделникот "Фокус" Никола Младенов, кој праша "дали до ФБИ бил доставен исечок од објавениот напис во неделникот".

- Јас никаде во текстот не истакнувам дека тоа се оригинални банкарски сметки, туку станува збор за информации - изјави Младенов пред судот.

На вчерашното продолжение на судењето за клевета обвинетиот Младенов предложи десет докази, кои ги читаше. Судот не го прифати предлогот како сведоци да бидат повикани Михајло Маневски, претседател на антикорупциска комисија, и Слаѓана Тасева, извршна директорка на "Транспарентност". Исто така беше одбиено барањето за спојување на постапката со таа во која Бранко Црвенковски го тужи Младенов.

Обвинетиот Младенов и адвокатот Тортевски рекоа дека нивните докази всушност се информации за банкарски сметки и трансакции на вкупно 9.730.000 долари, кои се префрлале од една банка на друга на сметка на Костов. Додека Младенов ги читаше доказите, Костов имаше забелешка на имињата на споменатите банки, по што обвинетиот побара да не му пречат додека зборува. На ова адвокатот Тортевски рече: "Остави го нека зборува, тој добро знае во која банка има сметки".

Младенов меѓу доказите го прочита и името на Штерјо Наков, на чија сметка биле префрлани пари. Тој изјави дека од сметката на Костов биле префрлени над 9 милиони долари на сметка на лице Б.Ц. за кое тој рече дека "претпоставува оти станува збор за Бранко Црвенковски".

На вчерашното судење сведочеше и Костов. Тој ги оцени доказите на Младенов како "безвредни ливчиња".

- Очигледно е дека сакале да им наштетат на мојата чест и углед. Ниту јас ниту некој друг член на мојата фамилија немаме друг имот од оној што е пријавен кај Антикорупциската комисија. Имам тековна сметка и кредитна картичка од Комерцијална банка. Исто така имав сметка во Светска банка на која ми беше исплатувана плата во 1995 и во 1996 година - изјави Костов.

Тој рече дека документите што Младенов ги објавил во неделникот "Фокус "се направени на компјутер само заради, како што изјави, "реклама и поголем тираж на весникот".

- Младенов треба да биде казнет за клевета оти објавил измислени информации и податоци - рече тужителот Костов.

Костов во своето сведочење ги анализираше доказите на Младенов и во секој од нив наоѓаше нелогичности и грешки најчесто за банкарските термини и имињата на банките.

Судот одлучи да побара писмено известување од Јавното обвинителство и од антикорупциската комисија што презеле за случајот. Процесот е одложен за 13 април.
НАСЛОВНА

 

© 2001 Дневник, сите права задржани