Најнов број Насловна
Број 3015    сабота, 18 март 2006
 
 
 
 
 
 
 
   
THIS IS TEST TITLE
ВО ЗДРАВСТВОТО СМЕНА БЕЗ ОБРАЗЛОЖЕНИЕ
Министерот Димов ја разреши државната секретарка Ратка Куљан

Д-р Ратка Куљан завчера попладнето била разрешена од функцијата државна секретарка во Министерството за здравство по предлог од нејзиниот претпоставен, министерот Владо Димов.

Неофицијално дознаваме дека министерот ненадејно на владина седница предложил да биде сменета д-р Куљан, што било прифатено. За нејзин наследник бил избран финансискиот директор од Медицинскиот центар во Кичево, Вене Наумовски.

Причините за ненадејната смена вчера никој не сакаше да ги обелодени. Од смената е изненадена и д-р Куљан.

- Имав ангина и бев на боледување неколку дена. Кога утрово се јавив на работа, ми рекоа дека се слуша оти сум сменета. Не знам кои се причините за тоа, а досега не сум добила никакво официјално известување за моето разрешување - изјави вчера д-р Куљан.

Во кабинетот на премиерот вчера никој не ги знаеше причините за оваа кадровска смена. Портпаролот Сашо Чолаковски рече дека е на службен пат во Албанија. Образложение не успеавме да добиеме ниту од неговиот колега Агим Јонуз, кој вчера беше зафатен со потпишувањето на договорот за продажба на ЕСМ.

Се шпекулира дека Димов покажувал нетрпеливост кон Куљан уште од нејзиното назначување на оваа функција пред околу една година. Таа во изминатиот период многу ретко и се појавуваше на официјалните средби и настани што ги организираше Министерството за здравство.

Куљан е партиски кадар на СДСМ. За време на претходната влада на СДСМ таа беше директорка на "Гинекологија - Чаир", но беше разрешена по инфекцијата со менингитис од која заболеа околу 40 бебиња.

(Љ.Б.)
НАСЛОВНА

 

© 2001 Дневник, сите права задржани