Најнов број Насловна
Број 3015    сабота, 18 март 2006
 
 
 
 
 
 
 
   
THIS IS TEST TITLE
ДОСЕГА ТРИ СЕМЕЈСТВА ВО БИТОЛСКО ОСТАНАА БЕЗ ДОМОВИ
Поплавата урна две куќи и во Новаци

Жаклина Здравковска


Болните сестри Лилјана (47) и Снежа Митревски (48) од пелагониското село Новаци завчера едвај извлекле жива глава кога им се срушила куќата. Уривањето е последица од штетите предизвикани по едномесечна опсада од вода. Несреќата ги затекнала двете сестри в постела, кога ноќта се урнале едниот ѕид и дел од таванот на селската куќа.

- Цел двор ни пливаше во вода, куќата тонеше, почна да се рони. Среде ноќ лупна толку силно што испоскокавме од кревет. Бидејќи тешко се движам, ја пуштив сестра ми да излезе во салонот за да види што падна. Таа вресна толку страшно што ми го скрати животот. Еве три дена се бабуваме со апчиња за смирување, а душата уште ни се тресе - низ солзи раскажува Лилјана Митревска.

Селаните, кои ноќта ги разбудил силниот тресок, им помогнале на сестрите да ја напуштат разрушената куќа. Семејната несреќа им ја влоши и онака критичната здравствената состојба. На Лилјана едната нога и е ампутирана пред дваесет години, па едвај ги качува 15-те скали за да стигне до помошниот објект каде што се згрижени. Другата сестра, која долго се соочува со психички проблеми, сега постојано е под лекарства.

- Не бевме способни да ја исцрпиме водата што ни влезе во дворот. Ниту можевме некого да викнеме на помош, оти немаме роднини во селото. Немавме пари да платиме аргат. Живееме од осум илјади денари, кои ни се збираат од пензијата, социјалната помош и туѓата нега - велат двете сестри.

Нивната куќа не е единствената во село Новаци што настрада од поплавите. На 70-годишниот Коче Ивановски пред три дена му се урнал влезот во куќата, кој за малку ќе го потиснел.

- Иако е цела распукана и неизвесно е до кога ќе издржи, три дена во ризик живеам внатре. Немам каде да одам - вели тој.

Во Новаци уште триесетина други сопственици на куќи мака мачат со надојдената вода. Поплавени се и 1.000 хектари обработлива површина.

- Се е последица на неисчистениот Десетти канал, затнат со ѓубре и вегетација, кој не и дозволува на отпадната водата да истече во Црна Река и таа се излева по дворовите и нивите - објасни градоначалникот на Општината Новаци, Лазо Котевски.

Според него во овие критични недели дури водата ги поткопува селските куќи и го задушува посевот по нивите, "Водостопанство" не испратило ни еден багер за расчистување на каналот. Сепак, општината, вели Котевски, нема да ги остави своите жители на цедило, па со набавка на градежен материјал за 20 илјади денари ќе им помогне да си ги подзакрпат живеалиштата.

Поплавите во Битолско досега урнаа три куќи, две во селото Новаци и една во Дедебалци.


НАСЛОВНА

 

© 2001 Дневник, сите права задржани