Најнов број Насловна
Број 3015    сабота, 18 март 2006
 
 
 
 
 
 
 
   
THIS IS TEST TITLE
по скандалот со "трговиЈата" со тенЏериња
Димов бара "лек" за клиничката аптека

Министерот за здравство Владо Димов ќе побара од Клиничкиот центар институционално да го реши случајот со Клиничката аптека. Тој вчера добил писмо од директорот на центарот Андреја Арсовски, по што го задолжил докрај да ги испитаат информациите дека раководителката на аптеката, Олгица Гелевска, ги условувала набавувачите на лекови да порачаат тенџериња од реномирана странска фирма, а потоа ги креирала нарачките на лекови.

Клиничкиот центар вчера соопшти дека во разговорот со Арсовски, Гелевска ги негирала сите наводи за уцена на која било фирма дека набавување на лекови од конкретна фирма ќе биде овозможено само ако бидат купени тенџериња од светски познатата марка.

Во Клиничкиот центар потврдија оти раководителката била зачленета во споменатата фирма пред неколку години, но таа веќе не се бавела со тој бизнис. Сега немала време за тоа, бидејќи била преокупирана со средувањето на состојбите во Клиничката аптека.

Директорите на клиниките завчера обвинија дека снабденоста со лекови и со потрошен медицински материјал е алармантна и дека многу пациенти неопходните препарати ги плаќаат од својот џеб.

Од Клиничкиот центар вчера не одговорија кои лекови биле порачувани од лекарите, а кои препарати им доставувала аптеката на клиниките.

Арсовски и вчера одби да се сретне со новинарите оти, како што ни изјави портпаролката Искра Димовска, тој бил зафатен со други средби и немал време.

(Љ.Б.)
НАСЛОВНА

 

© 2001 Дневник, сите права задржани