Најнов број Насловна
Број 1860    сабота, 18 март 2006
 
 
 
 
 
 
 
   

Не сакаме да останеме "расколници": владиците Тимотеј, Петар и Наум

ТРОЈЦАТА ВЛАДИЦИ ЈА БРАНАТ НИШКАТА СПОГОДБА
"Автономна Охридска архиепископија" ја води црквата до автокефалност
Сите цркви со кои сме контактирале рекле дека спорот мораме да го решиме со СПЦ бидејќи автокефалијата што сме ја прогласиле на "пучистички начин" немаат намера да ни ја признаат, изјави митрополитот Тимотеј

Предлогот за "автономна Охридска архиепископија" е најдобриот што сме го добиле досега од Српската православна црква и со одредени подобрувања може да се дојде до автокефалност, изјавија вчера владиците Петар, Тимотеј и Наум, кои од името на МПЦ ја потпишаа "нишката спогодба" за решавање на меѓуцрковниот спор.

- Во спротивно, нам ни се заканува понатамошна изолација од другите православни цркви како земја во која нема црква. Нам, како архијереи, свештеници и верници, не ни е во интерес да останеме со епитет на "расколници" во православниот свет. Затоа водиме битка за да се избориме за нашиот статус како црква - рече австралискиот митрополит г. Петар на вчерашната конференција за печатот.

Реакциите во јавноста по потпишувањето на предлогот со кој МПЦ ќе се врати во прегратките на СПЦ, а што се очекуваше да го прифати и Светиот синод, тие ги нарекоа како "произволни, злонамерни обиди за понижување на МПЦ и на некои владици".

- Според договорот од сеправославната конференција во Шанбези, една црква може да стане автокефална само ако за тоа постои консензус од сите постојни православни цркви. Сите цркви со кои сме контактирале ни кажале дека спорот мораме да го решиме со СПЦ. Ни порачаа дека автокефалијата што сме ја прогласиле на "пучистички начин" немаат намера да ни ја признаат. Вака побрзо ќе дојдеме до автокефалност отколку со изолација - рече дебарско-кичевскиот владика Тимотеј.

Тие тврдат дека предлогот од Ниш е максимална отстапка што досега ја направила СПЦ бидејќи се гарантира "целосна автономија", а името "Охридска архиепископија" е определено поради отпорот на блокот на грчките цркви, кои се противат на употребата на одредницата "македонска".

- Не треба да се гледа трагика во тоа што е напишано. Нешто мора и да се голтне. Но, ова не е конечна спогодба, туку предлог што допрва треба да се подобрува и ние ќе настојуваме во тоа - вели владиката Тимотеј.

Според тројцата митрополити, многу е важно што на МПЦ и се признава континуитет со Охридската архиепископија. Но, на новинарска констатација дека "Охридската архиепископија на Балканот припаѓала секому и никому", владиците одговорија дека "проблемот е кај оние што ја зазеле македонската земја, а ние сега мораме да бараме решение". Владиката Тимотеј тврди дека со враќањето во автономната положба кон СПЦ нема да се поништат историските одлуки за обновување на Охридската архиепископија и за прогласување на автокефалноста на МПЦ од 1958 и 1967 година.

Владиката Петар рече дека МПЦ ќе остане како име во внатрешна употреба, додека другите православни цркви ќе ни се обраќаат "како што сакаат". Гаранциите дека СПЦ ќе контактира со нас со "вообичаено име", како Македонска православна црква, тие ги гледаат од неколку дописи во кои белградската патријаршија ни се обраќала како МПЦ. Меѓутоа, забелешката дека има и многу дописи во кои не се користи уставното име на нашата црква остана без одговор. Тие не можеа ниту да го прецизираат рокот во кој МПЦ преку автономија би можела да стане автокефална црква.

За да биде прифатена спогодбата, потребен е консензус на сите осум члена на САС на МПЦ, а таа одлука подоцна треба да ја потврди и Црковно-народниот собор.
НАСЛОВНА

 

© 2001 Дневник, сите права задржани