Најнов број Насловна
Број 1782    сабота, 18 март 2006
 
 
 
 
 
 
 
   
БОРБА ЗА ПОДОБРА ИНФОРМИРАНОСТ
Околу 6.000 глуви лица бараат од МТВ вести со знаковен јазик

Сојузот на глувите бара Македонската телевизија да емитува вести што ќе ги информира глувите за дневнополитичките настани со помош на знаковниот јазик или со титл.

- Над глувите се врши информативна блокада, со што се нарушуваат нивните основни човекови права, се прекршува Уставот и многу меѓународни документи со кои се гарантира правото на информирање на сите луѓе еднакво. Ова особено се однесува на МТВ, како јавен сервис - вели Ѓорѓи Груевски, генерален секретар на Сојузот на глувите од Македонија.

Од името на 6.000 члена, Груевски го искажа незадоволството од програмите на сите електронски медиуми, кои практично се недостапни за глувите. Во Шпанија дури и седниците на Парламентот се пренесуваат со знаковниот јазик. Во Хрватска освен вестите, на ист начин се пренесуваат и утринските миси од црквите, како и дел од училишната програма. Секојдневни вести за глувите има и на Бугарската државна телевизија, исто така и на ТВ Белград на Југословенската телевизија. Ова е редовна практика на телевизиите во сите земји на Европската Унија, вели Груевски.

Програмскиот директор на МРТВ, Живко Андревски, вели дека ова прашање е разгледувано на Колегиумот и во редакцијата за информативна програма се испитуваат условите да се воведе една емисија дневно. Андревски вели дека барањето најверојатно наскоро ќе биде прифатено, а вестите би се емитувале секој ден во 15 часот. Дилемата во МТВ е само во начинот како да се оствари тоа, односно дали вестите ќе се титлуваат или ќе се презентираат со знаковниот јазик. (М.Б.)
НАСЛОВНА

 

© 2001 Дневник, сите права задржани