Најнов број Насловна
Број 1845    сабота, 18 март 2006
 
 
 
 
 
 
 
   
ПРЕД ЕДНА НЕДЕЛА
Во Грција излезе првото цеде со македонски песни
Цедето со 13 песни е снимено во 1.000 примероци во Солун, а се пушта на локалните радиостаници

Во Грција е издадено првото цеде со 13 изворни македонски песни, кое го снимиле Костас и Харула Новакис. Цедето е насловено "Понадица од Солун", а на него има фотографии од оригинални делови на стари женски кошули, плетени чорапи, ткаени дипли, како и од куќата на предците на Костас.

Младиот брачен пар Новакис живее и работи во Куфаља во близина на Солун, а со музика се занимава од "голем мерак". Снимањето на цедето во 1.000 примероци во студиото "Политропо" во Солун ги чинело околу 6.000 евра.

- Меракот да ги забележам трајно најубавите песни што ми ги пееше мојата баба, а и другите баби од селото, беше голем. Негувањето на традициите и на македонскиот изворен фолклор ми се во крвта уште од детството. Имам записи на магнетофон на околу 1.000 песни со оригинално пеење на постари жители, а и јас ги испеав на дијалектот од егејскиот дел на Македонија. Првпат во Грција е издадено цеде со ваков вид музика. Го даваме на пријатели во Грција, го испраќаме во Австралија и во Канада, се врти и на локалните радиостаници - вели Костас.

На првото цеде, кое излезе пред една недела, снимени се 13 изворни македонски песни. Костас настапува како солист, а неколку песни ги пее во дует со сопругата. На цедето се снимени песните "Огреала јасна ѕвезда", "Три години време болна како лежам", "Се свалила Мита долу во градина", "Јано, Јановице", "Левенои моме", "Бог да го бие комшичето", "Песна за Илинден", "Буките развеват", "Патруно пиле шарено" и неколку ора.

Костас и неговите пријатели ангажирале и оркестар од 11 инструменталисти, од кои петмина се од Македонија. Од Богданци се Илија Петрушев - тамбура, Љупчо Петков - кларинет, Петар Теменугов - хармоника, Лазар Станков - гитара од Стојаково, а Лазо од Гевгелија на ефонио.

Тој тврди дека во Грција сега има многу луѓе што послободно ги негуваат старите македонски традиции.

- Мојата сопруга е Гркинка, но и таа ги научи нашите песни. Заедно работиме во стоматолошката ординација и заедно пееме - вели Костас и најави дека денеска и утре во селото Крушар, на 35 километри од Солун, Ениџе Вардарско, се одржува дводневен панаѓур на кој се собираат околу 2.000 Македонци.

На панаѓурот, кој во последниве четири-пет години е помасовен, настапуваат жени од околните села во стари носии, се пее и се игра по цел ден. (Л.Т.)
НАСЛОВНА

 

© 2001 Дневник, сите права задржани