Најнов број Насловна
Број 2167    сабота, 18 март 2006
 
 
 
 
 
 
 
   
ФИТОТЕРАПИЈА
Кантарионот - пријател на органите за варење
Жолтиот кантарион се користи при гастритис, воспаление на дебелото црево, чир и против хемороиди

Жолтиот кантарион е многугодишна билка со жолти цветови собрани на врвните делови. За терапија се користат надземниот дел на билката и цветовите. Цвета цело лето, а се бере од јуни до август. Латинскиот назив (hypericum perforatum) доаѓа од изгледот на неговите лисја, кои гледани на светлина личат како издупчени (перфоратум). Тие дупчиња се всушност негови жлезди преполни со ценетото етерско масло. Диоскорид и Гален го препорачувале како лек за лекување рани и за "прочистување на крвта".

Најзначајни активни материи што се изолирани од жолтиот кантарион се: етерското масло, мешаните танини, хиперицинот и флавоноидите, меѓу кои и кверцитинот. Етерското масло ги смирува воспалителните процеси, го сопира развојот на микроорганизмите и ги ублажува грчевите на мазните мускули. Заради тоа се користи при гастритис (воспаление на желудник), колит (воспаление на дебело црево), чир и болки во стомакот. При клинички испитувања забележано е намалување на болките кај повеќе од 90 отсто од испитаниците што страдале од хронично воспаление на желудникот и на дванаесетпрсното црево, а биле лекувани со препарати што содржат жолт кантарион. По терапијата е направена гастроскопија и е утврдено дека исчезнале ерозивните промени и крвавења од желудочната слузница. Треба да се нагласи дека препаратите освен жолт кантарион содржеле и нане.

Кверцитинот од жолтиот кантарион има антиканцерогено дејство. Екстрактите (изолирани активни материи од жолтиот кантарион) се многу поефикасни од чајот кога се употребуваат против бактериите - стафилококи, шигели и ешерихија коли. Екстрактите од жолт кантарион се додаваат во разни козметички препарати како средство за освежување на кожата. Забележани се успеси при употреба на жолтиот кантарион за лекување на кожното заболување витилиго и тоа со паралелна употреба на препарати за пиење и на препарати за локално премачкување.

Досегашните клинички испитувања покажаа дека оваа билка е мошне успешна во лекувањето полесни видови депресија бидејќи хиперицинот дејствува еуфорично (психотропно).



Лек и против хемороиди

Екстрактите од жолтиот кантарион се делотворни при заболувања на вените и капиларите, пред се, поради содржината на рутин, кој ги тонизира вените и капиларите и ги штити од прскање. Затоа се употребува како превентива од крвавење од проширените вени во пределот на анусот т.н. хемороиди. И танините од жолтиот кантарион дејствуваат стегливо бидејќи се спојуваат со протеините од слузниците, при што се намалува патолошката секреција на ткивото и се залечуваат раните. Поради антивоспалителното и антимикробното дејство препаратите од жолт кантарион се користат и при воспалени хемороиди или како превенција од воспалување на хемороидите.

Покрај жолтиот постои и т.н. црвен кантарион erythraea cetaurium, со розоникавоцрвени цветови. Црвениот кантарион не може да го замени жолтиот кантарион бидејќи неговите составни лековити компоненти се сосема различни од тие на жолтиот. Црвениот кантарион предизвикува зголемено лачење на желудочни, цревни и жолчни сокови бидејќи содржи горчливи гликозиди. Поради тоа може да се користи само за подобрување на апетитот и за подобра работа на жолчката и на црниот дроб.
НАСЛОВНА

 

© 2001 Дневник, сите права задржани