Најнов број Насловна
Број 2173    сабота, 18 март 2006
 
 
 
 
 
 
 
   
Орка ВО СЛЕДНАТА СЕЗОНА
Со десетина странци атака на излез во Европа
Новопечениот скопски клуб ќе има тим составен од голем број Јужноамериканци и Африканци

Фудбалскиот клуб Орка во новата прволигашка сезона најверојатно ќе влезе со десетина странци, повеќето неевропејци, и со амбиција експресно да заигра во еврокуповите, најавува претседателот на клубот, Миленко Неделковски. - Во моментов, потпис за нашиот клуб ставија четворица странци, како и седуммина македонски играчи. Ќе имаме силен тим - вели Неделковски.

Првиот човек на клубот најавува дека во следната сезона за Орка ќе играат Нигеријците Ибе (18 години, 18 настапи за репрезентацијата до 21 година, напаѓач), Стен (17 години, напаѓач) и Даниел Стенли (18, одбранбен играч) - сите позајмени од Анкона.

Од странците, уште во игра се Парагваецот Аруа (22, одбрана), Аргентинецот Кабехо (24, плејмејкер), Бразилецот Диего Видау (21, плејмејкер) и Уругваецот Валдивина (20), како и брат на Нигериецот Џеро Шакпоке, кој своевремено играше за А-репрезентацијата и беше на листата на некогашниот прволигаш ФК Скопје. Во Првата лига за еден клуб можат на еден меч да играат најмногу петмина странци. - Тоа е најмал проблем. Ќе има место за сите. Едни ќе играат, други ќе одмораат, ќе правиме трансфери... - вели Неделковски.

Од домашните играчи, потпишале голманот Зоран Мицевски, Диме Ангелевски, Благоја Ѓурчевски, Александар Стојов, Игор Илиевски и Стефче Петковски и најверојатно Драган Треновски. - Во преговори сме со еден голман од Битола и двајца плејмејкери од Скопје - вели Неделковски.

Подготовките на екипата за следната сезона ќе се одвиваат во Скопје (7-10 дена), Охрид или Кичево (10 дена) и Италија (15 дена). - Во Италија прво ќе бидеме гости на Фиорентина, а потоа ќе работиме во Бормио. Веќе имаме договорени пријателски средби со Фиорентина, но и со португалскиот Порто, кој во тоа време ќе биде таму. Официјален снабдувач на клубот со спортска опрема во следната сезона ќе биде италијанската компанија Лега, која е спонзор на 80 проценти од клубовите од Серија Б - рече претседателот на ФК Орка. (Г.М.)
НАСЛОВНА

 

© 2001 Дневник, сите права задржани