Најнов број Насловна
Број 2240    сабота, 18 март 2006
 
 
 
 
 
 
 
   
илиЈа Јосифовски
Спомениците како големи енигми

Се надевам дека најголем број читатели ќе се согласат дека спомениците и спомен-обележјата на историски личности и настани не се само желба на тие личности или настани да им се искаже заслужената почит и признание туку, пред се, на нив да се потсетуваат и од нивните дела да се инспирираат новите поколенија. За да ја остваруваат спомениците таа многу важна општествена намена, покрај естетската компонента треба да содржат и сосема јасни информации од кои тој што ќе застане пред нив лесно ќе дознае во чија чест и зошто се подигнати. Поинаку кажано, тие не треба да бидат енигми што ќе го збунуваат посетителот и ќе присилат да бара објаснувања. Во земјава се подигнати голем број споменици, но за жал тие повеќе се споменици-енигми.

На 2 Август годинава бев на легендарниот Мечкин Камен. Стоев пред импозантната скулптура, дело на нашиот вајар Димо Тодоровски, поставена уште во 1983 година. Знаев од порано дека споменикот го симболизира хероизмот и самопожртвуваноста на војводата Питу Гули и на неговите соборци при одбраната на Крушевската Република на 12 август 1903 година. Тоа го прочитав уште при мојата прва посета на Мечкин Камен, многу одамна, од плочата што беше поставена на стариот, не толку голем споменик, изграден непосредно по завршувањето на Втората светска војна. Сега, на споменикот, ниту до него нема никакви информации освен слоганот "Слобода или смрт". Очигледно е дека секој помлад или посетител од друга земја, кој не е доволно запознаен со нашето историско минато, ќе зјапа во споменикот - енигма и ќе се прашува кому му е подигнат, зошто е направено тоа и зошто токму на тоа место. Не можам да сфатам зошто плочата од претходниот споменик не била оставена и на сегашниот и на тој начин да се избегнат сите нејаснотии.

Одејќи кон споменикот "Илинден", сместен во споменичниот комплекс на Гумења, наидов на споменикот на Никола Карев. На него прочитав "Никола Карев, 1887-1905" и ништо повеќе. Не знам зошто не било напишано и "Претседател на Крушевска Република 1903". Вака, како што е, за многумина помлади или странци, особено за идните генерации споменикот е енигма. Зашто Никола Карев не бил ни Наполеон Бонапарта ниту Џорџ Вашингтон, ниту Гоце Делчев или некоја друга општопозната историска личност. Но, пред се, поради функцијата што ја имал во Крушевската Република тој со право го заслужил споменикот и другите почести.

Во близина на самиот врв на планината Славеј во Дебарца, на една многу убава ледина се издига маркантен споменик на чија мермерна плоча е напишано: "На ова место на 18 август 1943 година е формиран баталјонот ?Мирче Ацев?". Прашувам една група помлади лица, излетници, што се забавуваа во близина на споменикот, чиј бил баталјонот, кој бил во неговиот состав, зошто му е посветено тоа обележје? Тие се погледнаа меѓу себе и збунети само ги подигнаа рамениците. Очигледно, за нив споменикот е енигма. Има решение, се разбира, доколку на плочата би пишувало: "На ова место на 18 август 1943 година е формиран првиот баталјон на Народноослободителната војска на Македонија ?Мирче Ацев?". Едноставно и за секого сосема јасно.



ЗОШТО ГИНЕЛЕ ВО ВОЈНАТА



На ридот над големиот и убаво уреден парк во Кавадарци се издига впечатливо голема спомен-костурница на загинатите борци во текот на Народноослободителната борба и на паднатите жртви на фашистичкиот терор во кавадаречкиот крај. Меѓутоа, посетителот ќе се вчудовиди кога ќе утврди дека на оваа импозантна градба, како и околу неа, нема натпис што би информирал што всушност претставува таа. Посетителот повеќе ќе се зачуди кога ќе влезе во внатрешноста на градбата и ќе забележи дека на дваесетина убаво формирани мермерни плочи се испишани нешто повеќе од триста имиња и дека никаде не пишува чии се тие имиња и зошто им е подигнат толку скап споменик на толку широк и убав простор.

Во месноста Моклиште, близу селото Ваташа, Кавадаречко, постои спомен-парк во чија средина се издигнуваат два големи ѕида со површина од по околу 70 квадратни метри. На едниот ѕид се испишани 12 имиња и презимиња и ништо повеќе. Веднаш до ѕидот, на една пониско поставена плоча е напишано: "Стрелани на 16.6.1943 година". На вториот ѕид испишан е еден краток текст во форма на поетски стих, кој ништо не придонесува за да се разјасни енигмата, т.е. да се разјасни кои биле стреланите, кој ги стрелал и зошто го сторил тоа. Збунетиот посетител од ваквата енигма, ако биде поупорен, во друг пооддалечен дел на спомен-паркот ќе открие една чешма со мала плоча на која е напишано: "На ова место бугарскиот окупатор на ѕверски начин ги уби 12-те ваташки СКОЈ-евци". Посетителот останува збунет прашувајќи се што се тоа скоевци и зошто ѕверски биле убиени. Навистина, бугарските фашисти стрелаа, бесеа и интернираа не само скоевци, т.е. млади комунисти, туку и возрасни комунисти и некомунисти, нарекувајќи ги "бандити", "предавници на својот народ", "болшевички агенти" и сл. Меѓутоа, секој чесен Македонец знаеше дека бугарските фашисти нив ги убиваа и ги интернираа како македонски патриоти, како Македонци што се спротивставуваа на бруталната денационализаторска и асимилаторска политика на бугарската држава во Македонија, спроведувана под закрила на фашизмот и нацизмот. Така и 12-те ваташки младинци биле убиени како македонски патриоти, како Македонци што не сакале под присила да се декларираат како Бугари. Ете, тоа била вистината и токму таа вистина треба да се напише на двата големи ѕида во Моклиште.



Патриотите никоЈ

не ги есапи



Во Маврово, во близина на жичницата, поставена е спомен плоча на која се испишани имињата на загинатите партизани од овој крај во текот на НОБ 1941-45 година. Под имињата, како информација за суштината на нивниот историски придонес е напишано: "Паднаа за револуцијата". Гледав и си мислев: Па, јас лично ги познавав тукуречи сите тие храбри момчиња. Заедно се боревме против фашизмот, за национална еманципација и национална слобода на македонскиот народ. Заедно, со другите припадници на нашето Националноослободително движење ја создававме и ја создадовме Република Македонија. Значи, сите ние бевме антифашисти и, пред се, македонски патриоти што со голем самопрегор и со големи жртви го остваривме вековниот сон на Македонците. Поради тоа се прашував: зошто овие историски вистини, во соодветна форма не биле напишани на плочата и на тој начин таа да ја остварува својата вистинска намена, т.е. секој што ќе застане пред неа да знае за што ги жртвувале своите животи тие млади и храбри мавровци.

За нашиот однос кон историските споменици, значи кон артефактите на нашето тешко но славно минато, многу е илустративен случајот со зградата во селото Подвис, Кичевско, во која беше отворено првото основно училиште на македонски јазик. Најнапред се случи министер од една претходна влада да ги исфрли од програмските активности на основните училишта посетите на тој исклучително важен историски споменик, а потоа таа иста влада намерно дозволи зградата да се урне. Со тоа беа создадени услови тој артефакт полека да исчезне од нашето историско паметење. А годинава, кога славиме сто години од македонската државност и многу успешно ги поврзавме двата Илиндена во една нераздвојна целина, заборавивме на првото училиште што беше формирано на слободна македонска територија, пред Македонија целосно да биде ослободена. Сето ова е многу понесфатливо и многу потажно од споменичните енигми.

Сакам да верувам дека барем некој од повиканите и компетентни државни органи ќе собере сили и ќе најде начин да ги отстрани недостатоците на споменатите и на другите слични енигматски споменици и да ја реконструира зградата во Подвис. Само на тој начин може да се симне срамот од очигледните наши ментални фалинки.



(Авторот е универзитетски

професор во пензиЈа)
НАСЛОВНА

 

© 2001 Дневник, сите права задржани