Најнов број Насловна
Број 2279    сабота, 18 март 2006
 
 
 
 
 
 
 
   
БЕЛА КНИГА НА СРПСКАТА ВЛАДА ЗА АЛБАНСКИТЕ ТЕРОРИСТИ
Спрегата УЧК-албанска мафија не сака стабилност на Косово
Белград тврди дека Албанската национална армија има меѓу 1.000 и 3.000 терористи и разграноци во Македонија, Косово, Јужна Србија, Црна Гора и Грција

Српската Влада подготвила "бела книга" за албанските тероризам на Балканот, во која се оценува дека терористите се обидуваат да си ги легализираат своите криминално стекнати богатство, но и да формираат "голема Албанија".

- Носителите на терористичките акции формираа сојуз со организираниот криминал на Косово и Метохија, што им овозможува да вршат притисок врз политичките структури. Така, терористите си ги засилуваат позициите, а со комбинација на застрашување на албанските граѓани и постојана пропаганда за наводната борба за националните цели, во јавноста се создава впечаток дека целиот албански корпус се бори за единствени цели. На албанските терористи и на водачите на организираниот криминал не им одговара мирно решавање на проблемите, подобрување на животниот стандард на Космет и стабилност и интеграција во Европа - пишува во книгата насловена "Албанскиот тероризам и организираниот криминал на Косово и Метохија", од која делови објави белградскиот весник "Политика".

Во "белата книга" српската Влада се осврнува кон Албанската национална армија, за која се оценува дека има меѓу 1.000 и 3.000 припадници вооружени со пешадиско оружје, рачни ракетни фрлачи, лесни противавионски оружја и се обучени за подметнување мини и ракување со воена електронска опрема.

- Командант на АНА е генералот Виган Градица, а во раководството на АНА се и Исуф Суљај, Хекуран Аслани, Идриз Смотаха, Спиро Бутка и Генц Сефа, кои и порано имаа високи чинови во Ослободителната војска на Косово. Организацијата има свои центри во Космет, јужна Србија, Црна Гора, Македонија и Грција. Во јужна Србија дејствуваат околу 650 припадници на АНА кои се на обука во Косово, кај градовите Гњилане и Косовска Каменица - пишува во "белата книга". "Политика" потсетува дека во изминативе три години терористите на АНА извеле напади на југот од Србија и во западна Македонија и пренесува оценки на аналитичари кои велат дека слични акции на АНА може да се очекуваат во Црна Гора и во Грција.

"Белата книга" тврди дека албанските терористички групи се финансираат главно од шверц на оружје, разни акцизни стоки и луѓе, но дека на прво место е шверцот со хероин.

- Од 1996 до 1999 година од криминалните активности на Косово и Метохија се "слеале" повеќе од 900 милиони германски марки. Од таа сума повеќе од половината се добиени од шверц со наркотици - пишува во "белата книга". Според "Политика", полициските служби во Германија, Швајцарија и скандинавските земји имаат информации дека шверцот со дрога го држат Албанци, а дека обемот на шверцот нагло се зголемил во 1993 година, кога е формирана албанската терористичка ОВК.

ОВК официјално беше расформирана во септември 1999 година по Косовската војна и протерувањето на српските сили од Косово. Неколку илјади нејзини команданти и војници беа примени во Косовскиот заштитен корпус, со плата од Обединетите нации и ставени под контрола на НАТО, а дел од "учките" прешле во косовската полиција. Други припадници на ОВК ја формирале Ослободителната војска на Прешево, Медвеѓа и Бујановац, која почна со терористички акции во јужна Србија при крајот на 1999 година. Делови од ОВК и од ОВПМБ ја формирале Ослободителната национална армија на Али Ахмети која почна терористички напади во Македонија на почетокот на 2001 година и предизвика граѓанска војна. Овие армии во своите имиња ја задржаа албанската кратенка за ОВК - УЧК. По војната во Македонија од команданти на ОВК била формирана АНА.

Поранешниот цивилен администратор на Косово Михаил Штајнер ја прогласи АНА за терористичка организација и го забрани нејзиното дејствување на Косово откако АНА летоска разнесе мост во северно Косово. Но, успехот на УНМИК во апсењето на водачите на АНА е мал.

- Секогаш кога косовската полиција се обидува да уапси некој криминалец, тој се обвиткува со албанско знаме, а на улиците веднаш "никнуваат" демонстранти. На Косово општеството не е жртва на организираниот криминал, туку општеството е изградено врз организираниот криминал - тврди Бери Флечер, портпарол на полицијата на УНМИК.
НАСЛОВНА

 

© 2001 Дневник, сите права задржани