Најнов број Насловна
Број 2367    сабота, 18 март 2006
 
 
 
 
 
 
 
   
Што му се случува на образованието
Меѓу стихијата и политичката блокада
Наместо да е држава на студенти, интелектуалци, елитни професори и научници, кои ќе се грижат за нејзиниот развој, Македонија се претвори во држава на квазиполитичари и нивни политички елити

Живко Попов
Во последните 13 години, од прогласувањето на независноста, македонската држава воопшто не ја сфати важноста на развојот на образовниот систем како еден од основните столбови на нејзиното опстојување и клуч за нејзината европска интеграција. Таа не само што не успеа да го реформира, бидејќи не се ни обиде тоа вистински да го направи, туку не го сочува ни вредносниот систем на старомодното, обемно образование. Владејачките политички елити не направија ништо за него, бидејќи немаа визија за неговата вистинска вредност и дозволија тоа постепено да се деградира, корумпира и распаѓа. Македонија наместо да е држава на студенти, интелектуалци, елитни професори и научници, кои ќе се грижат за нејзиниот развој, се претвори во држава на квазиполитичари и нивните политички елити и експоненти, односно држава во која неприкосновено доминира политичкиот вредносен систем. Македонскиот образовен систем засега е во безнадежна состојба и без вистинска визија за неговиот развој. Повеќе од една деценија Министерството за образование и наука, ден и ноќ се занимава со образовните права на "обесправената" албанска заедница во РМ, при што неповратно се потроши времето за реформи. Наместо тоа, можеби попродуктивно ќе беше креирањето на единствен државен "Uiversity of Macedoia", поставен на европски стандарди, од каде веќе ќе произлегоа неколку генерации дипломци, корисни за интеграција на РМ во Европската Унија.

Што се случува во нашиот образовен систем? Се работи за обемен стар социјалистички систем "ex katedre", кој со години се обидува преку козметички дозирани промени да се прикаже како реформски. Нему му е потребна итна вистинска реформа. Неопходно е негово целосно усогласување со програмите и стандардите на Универзитетската повелба од Мастрихт, како за начинот на запишување на студенти на факултетите, евалуација на испитите, магистерските студии и докторските дисертации, така и во начинот и условите за стекнување титула универзитетски професор. Сето тоа треба да ги изразува вистинските потреби на општеството во сите негови области. Како сега што стојат работите, стихијата е таа што владее, а за европска верификација на универзитетски дипломи стекнати во РМ, неопходни се најмалку 3-5 години. Тоа е голема пречка за трансфер на технологија од Европа во нашата земја.

Универзитетските установи и, воопшто образовниот систем, во голема мерка се политички блокирани и немаат официјални и јасни ставови за поважните општествени збиднувања. Факултетските и ректорските управи главно и се умилкуваа на власта и ја поддржуваат нејзината политика во образовниот систем. Неопходно е итно отстранување на политиката од образовниот систем, бидејќи, во спротивно, ќе исчезне демократијата. Тоа најдобро се илустрира деновиве, кога за време на парламентарната и јавна расправа за политички проекти и закони од исклучително значење, за опстојувањето на македонската држава, настана молк на интелектуалците и универзитетските професори. Оттука произлегоа новиот закон за државјанство и законот за легализација на парауниверзитетот од Мала Речица. Така стана очигледно дека граѓаните наместо реформи ќе финансираат политика во системот на образование и наука.

Нискиот општествен статус на вработените во сите нивоа на образовниот систем дефиниран преку понижувачките лични доходи не кореспондира со исклучително важната општествена задача - едукација на младите и идни носители на општествените функции. Дека титулата универзитетски професор во ЕУ е институција, се покажа последниве денови со примерот на Велика Британија, каде фотелјата на премиерот Тони Блер, повеќе се заниша за време на парламентарната расправа за покачување на платите на универзитетските професори, отколку заради британското учество во војната во Ирак. Згора на се, на нашите државни универзитети владее и хаос во вредносниот систем. Присутни се крајности во висината на личните доходи на универзитетските професори, кои од најниски на Медицинскиот факултет (5.700 денари за редовен професор и 1.600 денари за асистент во форма на паушал), на Економскиот факултет може да достигнат и преку 100.000 денари. Веројатно се работи за најниски примања во областа на медицинските студии во светски рамки.
Со ваков статус и низок стандард само се потенцираат фрустрациите и корумпираноста во образованието. Резултатот го гледаме деновиве, преку понижувачкиот генерален штрајк за К-15 и хранарина. Ако струковиот синдикат сака навистина да помогне, нека се заложи за вистински пресврт во односот на државата кон образованието и науката, за вистински статус и за борба, на пример вработените од образованието и науката да добијат државни обврзници од приватизацијата на општествениот имот, бидејќи тие имаат уставно право на тоа.

(Авторот е редовен професор
на Универзитетот "Св. Кирил и МетодиЈ")


Живко Попов





НАСЛОВНА

 

© 2001 Дневник, сите права задржани