|
|
|
| | 
| | Ристо Гаревски | | | | НАУКАТА ПАЛЕОНТОЛОГИЈА ЗАМИРА Единствениот палеонтолог бара наследник Најголемо откритие на Ристо Гаревски се четирите кљови
на редок вид слонови што живееле пред десет милиони години
Осумдесет и тригодишниот Ристо Гаревски од Скопје е единствениот
палеонтолог-истражувач на фосилни остатоци во земјава.
Тој во текот на
својата 50-годишна работа пронашол голем број фосилни остатоци од цицачи, кои во
моментов се изложени во Природонаучниот музеј во Скопје.
Првите
палеонтолошки истражувања Гаревски ги извршил по дипломирањето на отсекот
биологија на Природно-математичкиот факултет во Скопје, кога се вработил во
Природонаучниот музеј. Оттаму го испратиле на специјализација по палеонтологија
во Љубљана. Кога специјализирал, продолжил да работи во Природонаучниот музеј, а
кога се формирал Рударско-геолошкиот факултет во Штип, станал професор по
палеонтологија.
Од пред шест години е пензионер, но и понатаму се
ангажира на полето на палеонтологијата.
- Едно од првите ископувања на
кое работев беше кај моето родно место, Башино Село, Велешко, каде што открив
фосили на цицачи. Тогаш и се заинтересирав за оваа област и од Музејот решија да
ме испратат на специјализација во Словенија - вели Гаревски.
Негово
најголемо откритие се четири кљови (слонови надворешни заби) на редок вид
слонови што живееле на овие простори пред десет милиони години. Тие фосилни
остатоци ги нашол во селата Вешје и Тремник, Неготинско. Во близината на
цигланата "Киро Чучук" во Велес, Гаревски пронашол три глави од носорози и една
глава од мастодонт - вид слонови што живееле пред десет милиони години. Во
близина на скопското село Орешани откопал и заби од мамути што живееле пред
20.000 години. Според Гаревски, најбогати области со фосилни остатоци се
Тиквешијата, велешко-оризарските и валандовските краишта.
Гаревски
објаснува дека во земјава нема стручњаци што би можеле да го наследат.
-
Откако пред шест години се пензионирав од професорската функција, предметот
палеонтологија веќе не постои. Веќе четири години не сум активен како соработник
во Природонаучниот музеј, па ни таму нема кој да го преземе моето место. Освен
што не е пополнето моето место, нема ниту препаратор, човек што ќе ги чисти
фосилните остатоци. Одделот за палеонтологија целосно замира, нема нови
експонати. Барам да ми назначат биолог што јас ќе го обучам на полето на
палеонтологијата - објаснува Гаревски.
Македонскиот палеонтолог во текот
на својата богата кариера има соработувано со голем број експерти од Русија,
Шпанија, Франција, Австрија, Грузија и од Хрватска. Откако го публикувал својот
прв труд "Нови наоѓалишта на пикермиска фауна" пред 48 години, тој не престанал
со пишувањето. Гаревски досега има објавено повеќе од 50 научни труда, а
дваесетини трудови се уште не ги публикувал. Единствениот македонски
палеонтолог, и покрај своите години, се уште пишува книги и истражува фосилни
остатоци во земјава.
А.А.
|
|
|
|
 |
|
 |