Најнов број Насловна
Број 2438    сабота, 18 март 2006
 
 
 
 
 
 
 
   
ЗАБОЛУВАЊА НА ШТИТНАТА ЖЛЕЗДА
Зголемениот тироксин го оштетува видот
Штитната жлезда може да биде седиште на бенигни или на малигни тумори

Штитната, односно тироидната е жлезда со внатрешно лачење, што значи нејзиниот секрет директно се влива во крвта. Сместена е во предниот дел на вратот пред душникот и составена е од два топчиња (лобуси), лев и десен, меѓусебно поврзани со мост.

Главна функција на штитната жлезда е лачење на хормонот тироксин. Функцијата на штитната жлезда е под влијание на мозокот и на хипофизата. Едно од најсериозните заболувања на штитната жлезда е прекумерното лачење на хормонот тироксин, познато како хипертиреоза.

Симптоми на оваа болест се: раздразливост, нервоза, губење телесна тежина, потење, мускулна слабост, замор и нарушена менструација кај жените. Од хиперфункција на штитната жлезда може да се јави испакнување на очите познато како егзофталмус, што предизвикува оштетување на видот, на срцето, зголемување на крвниот притисок, забрзан пулс и тресење на рацете, попознато како тремор. За да се постави точна дијагноза многу важна е анамнезата и клиничкиот преглед, со кој се утврдува статусот на штитната жлезда - дали таа е зголемена, дали е со јазли или дифузно зголемена на едниот или на обата лобуса. Се гледаат какви се очите, се мери крвниот притисок и телесната температура.

Покрај вообичаените анализи, се испитува и нивото на тироксинот во крвта. Зголемено ниво на тироксинот и наведените клинички наоди асоцирааат на хипертиреоза, позната како Базедова болест.

Лекувањето го изведуваат ендокринолози со антитиреоидни лекови, со радиоактивен јод или со хируршки зафат. Лекувањето е индивидуално.

Се почнува со антитиреоидни лекови што ја инхибираат функцијата на тиреоидната жлезда, при што не го разорува нејзиното ткиво. Лекувањето може да биде единствено или подготовка за употреба на радиоактивен јод или за хируршки зафат - тиреоидектомија.

Радиоактивен јод не смее да се дава на мали деца и на бремени жени. Ако штитната жлезда е видливо зголемена и ако во неа има јазли што можат да личат на карциноми, тогаш треба да се направи хируршка интервенција со која се отстранува вишокот од штитната жлезда. При операцијата се остава 3 до 10 грама и со тоа се коригира лачењето на тироксинот.

Во предели каде што има недостиг на јод во храната и во водата, т.н. ендемски краеви, штитната жлезда, односно нејзините клетки почнуваат да хипертрофираат за да можат да го фатат и она мало количество јод. Притоа штитната жлезда се зголемува, дифузно или во вид на јазли. Тогаш зборуваме за струма, односно за т.н. ендемска гушавост. Таа механички притиска на вратот на душникот и на големите вратни вени, поради што пациентот отежнато дише и има венски застој на вратот. Интервенцијата во ваков случај е нужна - се изведува струмектомија.

Покрај овие заболувања, штитната жлезда може да биде седиште на бенигни или на малигни тумори. Од бенигните тумори познати се аденомите или цистите. Од малигните, најпознати се карциномите, кои се манифестираат во неколку форми: аденокарциономи, папиларни карциними, фоликуларни, медуларни и недиференцирани карциономи. Најмалигни се недиференцираните карциноми.

Дијагнозата на овие карциноми се поставува со клинички преглед, лабораториски анализи, скенирање на штитната жлезда, како и со пункциона биопсија. Лекувањето е исклучиво хируршко. Се врши целосна тиреоидектомија - се острануваат околните лимфни јазли. По операцијата, кај некои од овие тумори, посебно кај недиференцираните, кај кои не може да се отстрани целокупното малигно ткиво, се практикува зрачење, кај некои и хемотерапија, односно терапија со цитростатици.
НАСЛОВНА

 

© 2001 Дневник, сите права задржани