Најнов број Насловна
Број 2466    сабота, 18 март 2006
 
 
 
 
 
 
 
   
АРХЕОЛОШКИ ИСТРАЖУВАЊА ВО ОХРИД
Реставраторски работи на цитаделата на Самуиловиот град

Екипа од шест археолози и триесетина работници во минатата недела почнаа да ја ископуваат Самуиловата тврдина во Охрид. Тие ги продолжуваат ланските археолошки придружни активности на конзерваторско-реставраторските работи на цитаделата на Самуиловиот град, вели археологот Паско Кузман, раководител на истражувањата. Министерството за култура доделило еден милион денари за археолошките ископувања и два милиона денари за конзерваторско-реставраторски работи. Кузман вели дека со парите што им ги доделиле може да работат најмногу еден и пол месец. Тоа зависи од луѓето што ќе бидат ангажирани во ископувањата.

- Има голем притисок од цел град. Многу граѓани, археолози и работници немаат работа. Сите сакаат да се вклучат во тимот. Парите што ни ги доделија се малку кога ќе се земе предвид дека истражувањето на Самуиловиот град е мегапроект. Сепак, има континуитет за да го завршиме. Наскоро ќе имаме Кале, комплетно истражена акропола, прва во Македонија, а можеби и на Балканот - вели Кузман.

Целта на годинашните истражувања е да се оспособи тврдината за посета на туристи на начин што е вообичаен во светот - со наплата на влезница, вели Кузман. Влезот во ѕидиштата на локалитетот е речиси готов. Ќе има наплатен пункт во кој ќе се продаваат мала брошура-водич низ тврдината, разгледници од стариот град и копии од артефакти што биле пронајдени во тврдината.

- Така ќе се ревитализира тврдината. Ќе "си вади пари", за почеток колку да го плаќаме чуварот што ќе работи таму - вели Кузман.

Со конзерваторско-реставраторските работи ќе бидат презентирани сите хронолошки фази на Самуиловиот град: хеленистичкиот период (4, 3 и 2 век пред нашата ера), доцноантичкиот (3 и 4 век), рановизантискиот (5 и 6), средновековниот период (12 и 13 век) и времето на Џеладин-бег, османлискиот период (18 и почеток на 19 век).

За развој на Самуиловата тврдина охридскиот Завод се пријавил за грант од јапонската амбасада. Ако им биде одобрен, парите од грантот ќе бидат употребени за да се оспособи тврдината за туристички посети и за да се опреми лабораторија за конзервација во визбата на охридскиот Завод и музеј.
НАСЛОВНА

 

© 2001 Дневник, сите права задржани