Најнов број Насловна
Број 2503    сабота, 18 март 2006
 
 
 
 
 
 
 
   

Без газди се уште се трите рудници за олово и цинк - "Тораница", "Злетово" и "Саса"

ЗАВРШИ ДОГОВОРОТ СО КОНСУЛТАНТИТЕ ОД "ГРАНД ТОРТОН"
Продажбата на загубарите во рацете на стечајните управници
Во Министерството за економија очекуваат стечајните управници да работат законски бидејќи досега нивните ангажмани не биле најуспешни

Продажбата на загубарите ја преземаат стечајните управници, бидејќи ангажманот на странските консултанти што ги ангажираше Владата заврши, по барање на Светската банка. Стечајните управници имаат задача да ги презентираат фирмите, да бараат странски инвеститори и да ги продадат загубарите во најскоро време бидејќи интересот за нивно купување е многу мал поради застарената технологија.

Договорот помеѓу Владата и консултантската куќа "Гранд тортон" заврши на 30 април иако не се продадени сите ликвидирани компании. Без газди се уште се трите рудници за олово и цинк - "Тораница", "Злетово" и "Саса", делови од "Годел", недвижниот имот на НИП "Нова Македонија", "Руен" од Кочани, скопска "Газела", "Искра инженеринг" од Куманово, битолски "Фринко" и уште некои други.

- Очекуваме стечајните управници да ја завршат работата според законот, иако праксата покажува дека нивните ангажмани не се најуспешни. Четворица стечајни управници во Кочани се под истрага поради наводни злоупотреби на должноста, односно лошо водени стечајни постапки. Еден од нив веќе заврши во притвор. Со новиот Закон за трговски друштва тие имаат одговорност за имотот и функција на менаџери - вели Гоце Пачемски, портпарол во Министерството за економија.

За да се спречат злоупотребите во стечајните постапки и претворањето на имотот на затворените компании во пари, предложени се измени во Законот за стечајот, според кои платите на управниците ќе се објавуваат на огласни табли, а тие ќе бидат регистрирани како трговци-поединци.

Во консултантската куќа "Гранд Тортон" велат дека сега се е во рацете на стечајните управници. Тендерската документација за сите загубари веќе е подготвена, а за продажбата на некои повеќепати се објавувани и тендери.

- Консултантите не може да се чуваат на стендбај. Ние ја завршивме нашата работа, ја подготвивме тендерската документација за сите загубари, извршивме нивна презентација и носевме странски инвеститори. Нашиот договор со Владата заврши. Таа ги почитуваше барањата на Светската банка во продажбата на загубарите да се вклучат и странски консултанти за да се обезбеди транспарентна продажбата - вели Ружица Филипчева, директорка во "Гранд Тортон".
НАСЛОВНА

 

© 2001 Дневник, сите права задржани