Најнов број Насловна
Број 2564    среда, 22 септември 2004
 
 
 
 
 
 
 
   
ПО БАРАЊЕ НА МПЦ
Рампа за српскиот владика Артемие

Македонската полиција вчера по "барање на МПЦ" не му дозволи на Рашко-призренски владика на СПЦ Артемије да помине низ Македонија на пат кон Солун, соопшти информативната служба на Рашко-призренската епархија.

Дознаваме дека вчераизутрина од граничниот премин Генерал Јанковиќ биле вратени епископот Артемије и игуменот на манастирот "Бањска", протосингелот Симеон, со образложение дека на "владиката Артемије не му е дозволен влез, ниту транзит низ Македонија".

Според изворите, шефот на пограничната полиција му покажал на владиката писмена одлука од македонското МВР од 2 јуни годинава. Во неа се наведува дека "по барање на Македонската православна црква, македонското МВР донесло одлука со која се забрануваат влез и транзит низ територијата на Македонија за лица што се наведени во приложениот список".

Официјален претставник на МВР вчера потврди дека епископот Артемије бил спречен да влезе во Македонија.

- Влезот не му е дозволен бидејќи српскиот владика немал согласност од надлежниот владика на МПЦ. Изјавите дека постои некаков список се чиста конструција - изјавија вчера во МВР.

Според тврдењата на владиката Артемије, на најмалку 20 епископи на СПЦ им е забранет влез во Македонија, па дури и на поминување кон Грција.

"Оваа нечуена одлука на официјалните државни органи на ПЈР Македонија, која е донесена по експлицитно барање на таканаречената Македонска православна црква, претставува непосреден доказ за тоа дека официјалните државни органи во Скопје носат дискриминаторски одлуки без какви било законски основи, и тоа по барање на расколничките епископи на т.н. МПЦ", оценуваат од Рашко-призренската епархија.

Портпаролот на МПЦ, владиката Тимотеј, вчера беше недостапен за коментар. Поглаварот на МПЦ, архиепископот Стефан, пред неколку месеци реагираше на провокациите на СПЦ кон МПЦ.

- Ако тие не ја признаваат Република Македонија, нема потреба ниту да поминуваат преку македонската земја - изјави тогаш архиепископот Стефан. (Б.Ѓ.)
НАСЛОВНА

 

© 2001 Дневник, сите права задржани