Најнов број Насловна
Број 2565    четврток, 23 септември 2004
 
 
 
 
 
 
 
   
ЦРКОВНИ ИГРИ
Инвазија од попови на македонските граници
Грчки свештеник бил вратен од Меџитлија, а на граничниот премин Деве Баир во земјава влегол епископ на Бугарската православна црква, со согласност од МПЦ

Свештеникот на Грчката православна црква Ампатидис Харалампос завчера бил вратен од граничниот премин Меџитлија бидејќи не му бил дозволен влез во Република Македонија, дознава "Дневник". Тој немал дозвола од надлежен државен орган за односи со верските заедници, ниту, пак, имал покана од Македонска православна црква. Харалампос бил облечен во цивилна облека, а при претресот на неговото возило граничните органи ја пронашле свештеничката облека.

Грчкиот свештеник се обидел да влезе на македонско-грчкиот граничен премин речиси во исто време кога од преминот Блаце владиката на Српската православна црква Артемије се обидел да влезе во Македонија. Ова е само еден од повеќето обиди на свештеници од други цркви да влезат во Македонија деновиве.

Македонското МВР вчера потврди дека на свештеникот на ГПЦ не му бил дозволен влез во земјава.

- Тој не беше пропуштен бидејќи нашите закони не го дозволуваат тоа. Законот за движење и престој на странци забранува влез на свештени лица во свештеничка облека или кои со себе носат свештеничка облека, без покана на надлежниот државен орган, на МПЦ, ИВЗ или на некоја друга регистрирана верска заедница или религиозна група - изјави вчера претставник на МВР

Тој наведува дека истиот ден му бил дозволен влез во Македонија на свештеникот на ГПЦ Талидис Зисос бидејќи бил во цивилна облека и без свештеничка униформа во својот автомобил. Талидис, односно, грчкиот владика Игнатиј, подоцна се појавил како гостин на расчинетиот владика Јован на богослужбата во битолското село Нижеполе.

"Дневник" дознава дека завчера на граничниот премин Деве Баир во Македонија влегол епископот на Бугарската православна црква со световно име Ѓорѓи Патаров. Тој бил придружуван од уште тројца свештеници на БПЦ, кои без проблеми влегле во Македонија.

- Нивното доаѓање беше најавено од Македонската православна црква и тие беа пропуштени без проблем - изјавија вчера во МВР.

Во МПЦ вчера енергично демантираа дека направиле црна листа на дваесетина владици на СПЦ, за кои побарале да не им биде дозволен влез во Македонија.


Б.Ѓ.


НАСЛОВНА

 

© 2001 Дневник, сите права задржани