|
|
|
ПО ИНИЦИЈАТИВА НА МИНИСТЕРОТ ЗА КУЛТУРА Ќе се обновува Народно позориште краља Александра Во следните шеесетина дена Министерството за култура ќе ги прибира идејните решенија за обнова на зградата на стариот театар во Скопје, а учесниците на конкурсот треба да одлучат и за локацијата на зградата: старото место или она на некогашниот Офицерски дом
Неговото време е поминато. Пензионираниот актер Тасе Кочовски со
старечките прсти држи црно-бела фотографија на која неколку младичи се смеат
пред барокно здание со богато украсена фасада. Раскажувајќи ја својата животна
приказна, Кочовски го раскажува и животот на старата театарска зграда во Скопје.
Половина од својот творечки век тој го поминал токму во тоа здание. Младите
актери од фотографијата ги нема повеќе на сцената - и зградата веќе ја нема.
Земјотресот од 1963 година му нанесе на овој објект такви оштетувања, што
архитектите одлучија да го урнат.
Министерот за култура во оставка,
Благој Стефановски, во април најави дека ќе го обновуваат стариот театар.
Министерството во минатата недела во весниците објави и конкурс за идејно
решение на објектот. На учесниците на конкурсот им се нуди да предлагаат и која
од двете можни локации е подобра за новата зграда.
- Објавивме анонимен
анкетен конкурс за архитектонско решение на обновувањето на зградата на стариот
театар. Една од целите на проектот е да се одбере една од можните локации,
старото место или тоа каде што некогаш бил Офицерскиот дом - вели портпаролот на
Министерството, Тодорче Тасевски.
И комисијата што ќе ги оценува
пристигнатите проекти е веќе формирана, но од Министерството се уште не ги
објавуваат имињата на архитектите и театролозите кои учествуваат во
неа.
Архитектот професор Живко Поповски е против обновувањето на
театарот. Според него, дури и да не се случел земјотресот, зградата требало да
се реновира, зашто не можела да ги задоволи техничките потреби на Македонскиот
народен театар кој работел во неа.
- Театарот имаше само гледалиште.
Имаше тело, а немаше глава. Тој имаше само мала, задна бина и ротација која не
задоволуваше. Немаше никакви други можности за развој, никакви дополнителни
работилници за кулиси, депоа, сали за мизансцена - вели
Поповски.
Професорот вели дека објектот нема архитектонска вредност,
зашто на него работеле повеќе архитекти и тешко е да се одреди
авторството.
- Ако го изгубите авторството, сте го изгубиле и делото како
вредност, а многу е тешко да се издвои кој е автор на овој објект - вели
тој.
За Поповски е спорен и идеолошкиот концепт на зградата. Според него,
проблематична е причината зошто тогашниот српски крал Александар се заложил за
изградба на театарот во Скопје. Целта на овој објект, според Поповски, било да
се шири српската култура во тогашната Вардарска бановина. Такви објекти, со
недемократски модерен концепт во триесеттите граделе или Германците или
Советите, што на објектот му дава проблематична идеолошка конотација, објаснува
професорот Поповски.
Според кусиот историјат на театарот во Скопје, кој
го напиша поранешниот директор на МНТ и на Драмски театар Ристо Стефановски,
зградата на театарот во Скопје се градела од 1921 до 1927 година. За тоа време
планот за градба се менувал шест пати, а се менувале и архитектите. Во почетокот
изградбата била приватна иницијатива, но од 1925 година тоа станало грижа на
државата. Според првиот проект на Јосиф Буковац, театарот требало да биде широк
27 метри, долг 57метри и да има правоаголна форма на гледалиштето. Во периодот
кога со градбата раководел архитектот Бронштајн биле сменети гледалиштето, кое
тогаш добило форма на потковица, бил намален бројот на ложите од 23 на 13, а
биле зголемени бројот на местата во средината на гледалиштето и бројот на
влезовите. Архитектот Сергеј Бељајевски кога раководел со проектот направил
измени на покривната конструкција. Инсталациите и техничкото опремување на
зградата ги извеле фирмите "Вагнер" и "Сименс".
Во завршениот театар
имало 750 седишта организирани во партер, два балкона и 23 ложи, меѓу кои и
кралската. Зградата имала и гардероби, репетициски сали, канцеларии, како и стан
за директорот со поглед на реката Вардар. Зданието се наоѓало под Калето, на
Кејот, пред денешната меѓуградска автобуска станица. Новиот театар, кој бил
отворен на 26 октомври 1927 година, се викал Народно позориште краља
Александра.
Кочовски сега ретко оди на театар. Во негово време на сцената
биле други идеологии, други актери и друга театарска зграда. Тој се радува на
идејата и се надева дека објектот зад насмеаните младичи на неговата омилена
фотографија ќе оживее.
- Тоа ќе биде голема работа - вели Кочовски за
проектот на Министерството за култура, кое во следните шеесет дена ќе прибира
идеи за местото и за начинот на обновување на стариот скопски театар, кој го
нема веќе четири децении.
|
|
|
|
 |
|
 |