Најнов број Насловна
Број 2675    сабота, 18 март 2006
 
 
 
 
 
 
 
   
ПРОБЛЕМИ СО КАНДИДАТУРИТЕ
Врвот на СДСМ ќе пресече за спорните општини

Претседателството на СДСМ синоќа требаше да ги утврди кандидатите за градоначалници на спорните општини Битола, Охрид, Куманово, Крива Паланка, Центар и Ѓорче Петров, за кои, поради несогласувања, се уште не се утврдени конечните кандидатури.

Неофицијално дознаваме дека и во Радовиш не се согласуваат евидентираниот Игор Милев да биде кандидат за градоначалник. Поради тоа, одредени членови на општинската организација го поддржале независниот кандидат Кирчо Сусинов, поранешен градоначалник од СДСМ. Наспроти тоа, претседателот на партиската организација во Радовиш, Стојче Манолев, тврди дека целото претседателство му дало едногласна поддршка на Милев.

На синоќешниот состанок раководството на СДСМ требаше да се договори и за носителот на советничката листа во Скопје. Претседателството разговарало за можноста Страшо Нелковски актуелен претседавач на градскиот Совет да биде носител на советничката листа, но не е донесена конечна одлука.

Коалицијата "За Македонија заедно" в недела во хотелот "Александар палас" ќе потпише политичка платформа за локалните избори. Лидерите на коалициските партии ќе се обврзат на фер и демократски избори и дека се залагаат за суверена Македонија, членка на ЕУ и НАТО, во која ќе ги спроведуваат децентрализацијата, реформите и борбата против корупцијата.

Во ЛДП почнаа подготовките за предизборната трка, особено за кампањата на Ристо Пенов, кој е кандидат за градоначалник на Скопје.

- Ќе имаме позитивна кампања, во која ќе се истакнат сите резултати што досега како градоначалник ги постигна Пенов - изјави Андреј Жерновски, член на Извршниот одбор на ЛДП. (Т.П.)
НАСЛОВНА

 

© 2001 Дневник, сите права задржани