Најнов број Насловна
Број 2753    сабота, 18 март 2006
 
 
 
 
 
 
 
   
THIS IS TEST TITLE
МЕЃУНАРОДНА АФИРМАЦИЈА
Македонскиот јазик и ономастика во голема словенска енциклопедија

Македонскиот јазик и ономастика се застапени во голема енциклопедија на сите словенски јазици, која кон крајот на минатата година е објавена во Полска. Паралелно со рускиот, српскиот, полскиот и уште со осум словенски јазици, македонскиот јазик е застапен на повеќе од сто страници во двотомно енциклопедиско издание, насловено "Словенска ономастика".

Во книгата се текстови на лингвисти од Русија, Србија, Полска, Украина, Хрватска, кои на својот мајчин јазик ги објаснуваат значењата, составот и функцијата на имињата на луѓето, планините, реките и на сите општествени и природни појави во нивните јазички и културни средини. Автор на македонскиот дел од енциклопедијата е Марија Коробар-Белчева од Институтот за македонски јазик "Крсте Мисирков", која освен за историјата, теоријата и методологијата на ономастиката кај нас, зборува и за актуелните промени на имињата на местата и градовите што во нашата земја настанале како резултат од етничките и политичките влијанија.

За Коробар-Белчева, меѓународно енциклопедиско претставување на македонскиот јазик е еднакво со претставување на нашите културни и цивилизациски достигнувања.

- Секое претставување на нашиот јазик надвор од Македонија, особено ако е во рамки на енциклопедиски изданија, е претставување на нашата држава, на нашите цивилизациски достигнувања, на нашето достоинство. За македонскиот јазик вистината одамна ја извојува победата, а согласно со тоа, ние македонистите се трудиме јазикот да ни биде застапен рамноправно со сите словенски и светски јазици - вели Коробар-Белчева.

Работата врз енциклопедијата почнала уште во 1999 година, а поканата за претставување на македонската ономастика ја испратиле лингвисти од Полска, кои го раководеле и организирале објавувањето на големото енциклопедиско дело. Главна цел на проектот била да се изработи компаративна студија на ономастика со која, преку различните категории имиња во јужно и источно европските јазици, на светот ќе му биде претставена културата на словенските народи.

Како резултат од долгогодишната работа на македонистите и лингвистите од Институтот за македонски јазик, Светскиот славистички центар одлучил нашата земја во 2008 година да биде домаќин на Светскиот славистички конгрес.

(Т.О.)
НАСЛОВНА

 

© 2001 Дневник, сите права задржани