Најнов број Насловна
Број 2834    сабота, 18 март 2006
 
 
 
 
 
 
 
   
THIS IS TEST TITLE

Моторот "Априлија мохито" дело на Ѓоко Муратовски

МЛАДИ НАДЕЖИ
Македонски дизајнер го освојува светот
Ѓоко Муратовски изработил прототип на мотор, креирал автомобил, а моментално го дизајнира хај тек спа-центарот на француската компанија LPG, "Витал бјути спа" во Скопје

Средно уметничко во Скопје, факултет во Софија, студиски престој во Тајван, Италија, Австрија, Лондон, магистерски студии во Норвешка и работа кај многу врвни архитекти, дизајнери, фотографи, стипендии од врвни фондации, се само дел од информациите што можат да се прочитаат во биографијата на 26-годишниот скопјанец Ѓоко Муратовски. Токму затоа, како што вели тој, "уникатното" образование, изградено благодарејќи на работата со различни тимови експерти од кои го научил најдоброто и изградил свој стил, е причината што е еден од најдобрите и најбарани млади дизајнери.

Тоа што го прави посебен е што тој ниту денар нема дадено за школување зашто секогаш добивал стипендии. Денес е прв од двајцата стипендисти на Националната академија за уметности во Берген, Норвешка, во првата генерација магистри по дизајн.

За своите почетоци во дизајнот Муратовски вели:

- Знаењето што го стекнав во Скопје подоцна многу ми помогна во надградувањето. Заминав со групата на 100-те Македонци што отидоа на доусовршување во Тајван. Таму работев во една американска фирма, која ме прати на специјален курс во приватна школа за уметност, дизајн и фотографија во Фиренца. По сугестија на едни колеги се запишав на отсекот индустриски дизајн на Националната академија за уметности во Софија. На приемниот испит бев втор од странските студенти, а прв од македонските и останав само за да земам диплома. Првите две години редовно ги посетував студиите, додека последните две работев на меѓународни проекти и ја претставував Академијата на интернационални настани и семинари.

Во Софија, Муратовски цела година работел на проектот "Национална дизајн-стратегија за подобрување на економско-социјалната ситуација во Македонија преку влијание на дизајнот", што го работел под менторство на познатиот професор Борис Боев. Токму тој опсежен проект, кој другите софиски професори не сакале да го примат за негов завршен проект, ги воодушевил норвешките професори, кои по секоја цена сакале Муратовски да биде дел од нивниот тим постдипломци.

- Истражував и ја анализирав состојбата во Македонија и ги споредував со искуствата од други држави. Тоа што нам навистина ни е потребно е дизајн-центар што ќе работи на имиџот на Македонија и на нејзините производи. Такви центри имаат сите развиени држави. Македонија нема доволно капацитет во моментов за таков центар - вели тој и додава: - Каков имиџ има земјава, тоа најдобро се чувствува надвор. Кога ќе им кажев од каде сум и дека сум дизајнер, прво ме прашуваа што е тоа Македонија и каде се наоѓа. Требаше многу време да се докажам колку сум добар за да ме прифатат.

За време на студиите, со колегата Иван Василев направиле прототип на мотор, од "Априлија-футура" изработиле нов дизајн и категорија на мотор и го нарекле "Априлија мохито". Дизајнерскиот авантуризам ги натерал Василев и Муратовски лани да се јават на конкурсот за дизајн на автомобил на англискиот магазин "Iterior motivs" - финансиран од најголемите автомобилски компании, на кој учествувале околу 300 дизајнери од најдобрите колеџи по дизајн во светот.

- Бевме номинирани во категоријата најдобро искористена технологија, спонзорирана од "Фолксваген". Автомобилот е синтеза од најдобрите технологии што се користат во вселенската и во воената индустрија, зашто тие секогаш се најнапредни. Тој е сто отсто еколошки, може секој да го управува, се вози со џојстик и има три тркала - две напред и едно назад. Тркалата се со електромагнети. Работи на водород, гумите се од компресирана, рециклирана и импрегнирана хартија, а каросеријата е од рециклиран алуминиум и пластика. Возилото не испушта звук. Како инструмент-табла се користи кацига, иста каква што користат пилотите во воените авиони - вели тој.

Муратовски деновиве престојува во Скопје и го завршува проектот за уредување на хај тек спа-центарот на француската компанија LPG, "Витал бјути спа".

- Го изработив ентериерот и визуелниот идентитет на корпорацијата, а преговарам и за неколку проекти во земјава за промоција на туризмот во Македонија. За мене тоа е работа како и секоја друга. Не ми е важно дали е автомобил, дали е промотивна стратегија или ентериер, јас сум дизајн-консултант, експерт во тоа што го работам. Имам и договор да го работам и комплетниот визуелен имиџ на двајца лондонски диџеи - додава Ѓоко.
НАСЛОВНА

 

© 2001 Дневник, сите права задржани