Најнов број Насловна
Број 2883    сабота, 18 март 2006
 
 
 
 
 
 
 
   
THIS IS TEST TITLE
ВО ОПШТИНАТА ШУТО ОРИЗАРИ
Ромите заработуваат чистејќи го градот од пластика

Стотина ромски семејства од населбата Шуто Оризари заработуваат за живот продавајќи пластични шишиња, означени како ПЕТ-отпад, кои ги собираат по контејнерите и дивите депонии низ целиот град.

Шишињата ги откупуваат две кумановски фирми што рециклираат пластика. Пунктот каде што Ромите ги носат шишињата е во дворот на Ромскиот деловен центар, кој е координатор на проектот за собирање и рециклирање на ПЕТ-отпад.

Во Скопје постојат десетина пункта за откуп на пластика, но најдобро работи пунктот во Шуто Оризари, каде што се собираат дури по еден и пол тон пластични шишиња дневно.

Тихомир Каранфилов, координатор на ромскиот центар, вели дека нивна задача е да ја водат кампањата за едукација на ромското население и да го мотивираат за да го собира и продава пластичниот отпад.

- Според едно истражување, на депонијата Дрисла, каде што се фрла смет од Скопје и од Тетово има околу 800.000 килограми ПЕТ-смет. Во истото истражување има податок дека ако годишно еден жител фрла само по пет пластични шишиња, на депонијата се собираат околу 20.000 тони пластика. Бидејќи 80 отсто од Ромите се социјални случаи и не се едуцирани, ова им е една од можностите да заработат за живот. Тие на целата територија на градот од контејнерите и од дивите депонии ги собираат шишињата и ги носат во пунктот за откуп. За еден килограм шишиња се плаќа по пет денари. Сметката не е лоша, ако во овој бизнис се вклучи цело семејство. Така е можно да заработат и по 12.000 денари месечно, што е просечна плата во земјава. Со добра организираност можат да заработат и многу повеќе - вели Каранфилов.

Според информациите од ромскиот центар, во собирањето на пластични шишиња не се вклучени само Ромите, туку и припадници на други етнички групи, кои се социјални случаи.

Зоран Димов, претседател на центарот, вели дека проектот за собирање, чистење и за селектирање на отпадот најверојатно ќе заврши со отворање погон за сечкање и за пакување на ПЕТ-отпадот.

- Преговараме со две фирми, германска и хрватска. Пластиката ќе ја подготвуваме за извоз на Бали, но засега се работи само за преговори. Проектот ќе опфати и други видови отпад што може да се рециклира, како хартија, пластика, стиропор, најлон и стакло. Се надеваме на помош од УСАИД и очекуваме ако не машина за рециклирање, барем некое возило со кое може да го собираме сметот - вели Димов.

Организаторите на проектот велат дека тој е од суштинско значење за Градот, но и за Ромите, поради можноста за заработувачка. Тие додаваат дека е потребна силна кампања за подигање на свеста на луѓето да прават селекција на отпадот пред да го фрлат во контејнерите. Според нив, работата ќе оди полесно ако постојат посебни контејнери за пластика, хартија и за друг смет.
НАСЛОВНА

 

© 2001 Дневник, сите права задржани