Најнов број Насловна
Број 3015    сабота, 18 март 2006
 
 
 
 
 
 
 
   
THIS IS TEST TITLE
Јагода МихаЈловска-Георгиева
Тој што најмногу го сакам

Неодамна моето семејство го погоди страшен потрес: си замина од нашите животи многу сакан и многу почитуван човек. Најблизок! На еден од нас - мајка, на двајца сестра, па внука, тетка... Замина ненајавено, одненадеж, толку брзо што одвај да можеме да бидеме свесни дека се случило Тоа - нејзиното конечно заминување од овој живот.

Помалку од две недели ни траеше надежта дека е можен поинаков исход, за најпосле, на три дена пред крајот кога настапи мозочна смрт, да сознаеме дека тоа е всушност почеток на крајот на нејзиниот живот. И токму тогаш (никогаш претходно помислена и промислена), "од никаде - од некаде" ни дојде таа восхитувачко (зашто ни се виде светла)-застрашувачка (зашто бевме во темнина) идеја дека имаме можност да бидеме соучесници во најбуквалната замена на една смрт со два нови живота. Дека само од нашата одлука да ги донираме бубрезите на двајца пациенти од дијализа, зависи на чија страна ќе застанеме, на страната на животот, или на смртта.

Одлучивме мигновено, безмалку зачудени од самите себе, одвај подготвени да ја прифатиме сопствената идеја, но, за среќа, уште помалку спремни да ја отфрлиме. Немаше двоумење и немаше задршка кај никого во моето семејство. Да се случеше, само еден од нас, најблиските, да пројавеше и најмала дилема, или несогласување, или пак, да му требаше "извесен период" за да изгради став по тоа прашање, немаше да успееме да ја спроведеме. Бевме во кусок со време.

Благодарение на високата подготвеност и стручност на екипите од Урологија и Нефрологија при Клиничкиот центар во Скопје, двете трансплантации ургентно и успешно беа извршени, овозможувајќи и на нашата семејна загуба и тага "олеснителни околности" и нов , висок квалитет. Сега тие се престорени во нечија, на други семејства, добивка и радост. И наша заедно со нив.

Отпосле, според реакциите на луѓето сфативме дека (цитирам) "сме направиле нешто големо и зачудувачко", и токму таквите реакции се вистинскиот, најдиректен мотив за да проговорам на ваков начин.

Имам цел "тоа големото и зачудувачко", не да го минимализирам, туку да го релативизирам, понудувајќи му шанса да стане големо, но вообичаено, човечки нормално однесување, на кое не му прилега да останува во зоната на "мигновеното, непомислено и непромислено" одлучување. Затоа, еве отворам, најпрво интимна, на секого со себеси, лична "расправа" на оваа тема, а паралелно со тоа и поширока, јавна:

Колкумина од нас се осмелиле, или си дозволиле да размислуваат и да разговараат со самите себе и со другите, "со студени глави" за овие прашања? Зошто - да? Зошто - не? Знаат ли воопшто луѓето дека имаат можност да постапат како што постапи моето семејство, или веруваат дека донирањето органи е се уште "тема од странските филмови"? Имаат ли право оние кои мислат дека кај нас тие нешта не се воопшто, или не се како што треба медицинско - законски регулирани? Ако е така, доволен ли им е тој параван за оправдување што остануваат со "скрстени раце"? Се плашат? Од што? Од траурноста и трауматичноста на темата? Од можните злоупотреби? Наивно веруваат дека "такви нешта им се случуваат само на другите" или се кријат зад удобноста на "другите нека мислат на тоа"? Што им недостига за да се соочат со оваа тема: информираност, храброст, доблест...? А, за да делуваат индивидуално и одговорно, човечки исправно и одлучно, им треба ли посилна причина од најсилната - животот?

Бидејќи ја сметам оваа "расправа" за отворена, еве го и клучното прашање до секого од вас: Што би сториле доколку животот и смртта ви ја "наместат" жестоката игра загатната во поводот за овој текст? Дали во околности кога конечното (сопствено, или на свој близок од семејството) заминување е извесно би подариле, или би се подариле себеси, некому на сличен начин за да му го спасите животот?

Ако сте сигурни дека така би постапиле, сега, додека сте при чиста свест, полн живот и добро здравје, изговорете го тоа гласно, за да можат да ве чујат најблиските и да посведочат за вашата благородна одлука во случај да треба да делуваат во ваше име. Не чекајте државата да се сети овие нешта да ги официјализира и регулира така како што во многу други држави одамна веќе е сторено. Не може таа да биде посилна по прашањата на личниот живот од оној кој него самиот го живее.

Ако пак не сте сигурни, или дури и одлучно ја одбивате и самата помисла да бидете дарител, едноставно прашајте се: кој е тој што најмногу го сакам? Без оглед дали одговорот е: моето дете, мојот родител, мојот брат, или сестра, мојот брачен партнер, мојот најдобар пријател... или себеси најмногу се сакам, дозволете си уште едно потпрашање. А, тоа гласи: дали за да му го спасам животот на Тој што најмногу го сакам, би прифатил да бидам даруван? Да?! Е, па штом е така, тогаш?!?



(авторот е новинар и писател, уредник во телевизиЈа Телма)
НАСЛОВНА

 

© 2001 Дневник, сите права задржани