Најнов број Насловна
Број 3015    сабота, 18 март 2006
 
 
 
 
 
 
 
   
THIS IS TEST TITLE
Даут Даути
"Магаре" изгубено во преводот

Прочитајте ја оваа реченица, која учителите по мајчин јазик ја земаат како пример што значи граматика: Учи како татко ти, не биди магаре!

Толкување: Учителот му вели на ученикот да учи како татко му, инаку ако не учи, ќе станел магаре.

А сега, истата реченица повторно: Учи, како татко ти не биди магаре!

Исти зборови, иста реченица, само една запирка "поместена" нанапред во реченицата, и ете ти курцшлус. Ако таткото ја прочита реченицата, или детето ќе јаде ќотек или на учителот ќе му стави единица за погрешната запирка, со која ја изместил смислата.

Нешто слично се случи деновиве, кога една мисла кажана во друг контекст, не само што беше извлечена од контекст (веќе не стануваше збор за запирка!), туку и погрешно преведена. Се разбира, зборот ми е за изјавата на албанскиот министер за надворешни работи дадена за ТВ Алсат, во една дебатна емисија. Албанија не ги гарантирала границите каде што живеат Албанците во случај Косово да стане независна.

И навистина, тоа е фрапантна изјава, недипломатска и заканувачка. И одеднаш, сите медиуми и политички субјекти се растрчаа кој поубаво да му одговори на Бесник Мустафај.

И, навистина, настана голема врева, ама за ништо.

Во вакви деликатни времиња, најмногу треба да доаѓа до израз онаа народната "три пати мери, еднаш сечи". Во новинарството значи кажаното или одредена информација треба претходно да се провери пред да се објави. Но, тоа не "бидна" баш така. Па дури врз основа на една погрешна преведена реченица, се напишаа и коментари од главните пера. Па дури и во Албанија избрзаа опонентите на партиите на власт да го искажат својот "конструктивен став" (по католици од папата!), а за чудо, правејќи се наудрени, бидејќи ним не им треба превод за да сфатат што навистина кажал министерот.

Добро е што, сепак, државните високи претставници на Македонија веднаш ја сфатија поентата, дека ништо страшно и радикално не изустил албанскиот министер, туку она што е веќе позната работа: дека со евентуалната поделба на Косово (значи делба на Косово онака како сега ќе инсистира Белград, а не независноста), никој не може да ги гарантира другите граници.

Да потсетам, токму опасноста од "домино-ефектот" (како што појасни и Бесник Мустафај дополнително) беше главната причина зошто непроменувањето на нејзините граници (а не границите на Србија) беше поставен како еден од главните услови од меѓународната заеднца, со што и почнаа и разговорите помеѓу Приштина и Белград.

Мене спорната реченица никако не ми е спорна. Спорна ми е финесата со која беше пренесена во некои од македонските медиуми, особено со "слободната интерпретација" на преведувачот (не знам кој е, ама треба да биде многу одговорен кога преведува) или уредникот (кој можеби "поделбата" во превод, не знам од кои причини ја преиначил во "независност'), со што предизвикал дипломатски скандал. Можеби и не сакајќи.

А, албански министер да каже дека независноста на Косово бара промена на граници (таков е контекстот на пренесеното погрешно), тој би требало да биде луд или да работи свесно против интересите на "својот" народ надвор од матичната држава.

На крај, не знам кој испаднал магаре од една произволна интерпретација, веројатно публиката за миг имаше една сензационална тема, која веднаш потоа спласна како меур од сапун. Но, свесно или несвесно, некој ја намагарчи вистината.

(Авторот е новинар)
НАСЛОВНА

 

© 2001 Дневник, сите права задржани