Најнов број Насловна
Број 3015    сабота, 18 март 2006
 
 
 
 
 
 
 
   
THIS IS TEST TITLE
ЉУБОМИР КЕКЕНОВСКИ
Економијата и културата

Многу економски аргументи досега укажуваа на тоа дека ние сме едно затворено општество. Сега со птичијот грип гледам дека и по природа сме ти биле бајаги затворени. Со тоа се потврдува една поранешна теза оти економските интереси мораат да бидат конституирани во согласност со географското и културното наследство во регионот. Едно од објаснувањата на нашиот транзициски неуспех е секако наследената културна матрица, но истовремено во реформацијата на нашата културна свест треба да ја гледаме и шансата за да изведеме позитивен пресврт. Затоа посочувам неколку истражувања во овој домен кои укажуваат на висока корелација меѓу месната култура и економските резултати. Имено, проучувајќи ги овие премиси современите економисти ја дефинираат културата како "оние вообичаени верувања и вредности кои етничките, религиозните и социјалните групи ги пренесуваат прилично непроменети од генерација на генерација" Оваа дефиниција се фокусира на оние димензии на културата кои може да имаат влијание врз економските аутпути.

Класичните економисти ги употребувале културните објаснувања за економските феномени. Адам Смит ја разгледува A Theory of Moral Setimets како интегрален дел од Wealth of atios, како и Џон Стјуарт Мил, кој ги разгледува културните пречки, како некогаш позначајни дури и од следењето на личниот интерес. (System of Logic)

Карл Маркс ја преврте насоката на поврзаноста : наместо културата да ги утврдува економските односи, тој во неговата книга A Cotributio to the Critique of Political Ecoomy (1859), се залагаше за тоа дека технологијата го утврдува типот на социјалната структурна предоминација, дури и доминантната култура.

Како што Маркс ја гледаше религијата како нуспроизвод од производните односи, така Макс Вебер ја гледал религијата како главна за развојот на капитализмот. Тој вели дека секој нов економски редослед се соочува со иницијален отпор, при што истакнува оти протестантската реформација учи дека потрагата на богатството треба да се гледа не како предност, туку како обврска.

Банфилд (1958) е првиот што предложил културно објаснување за неразвиеноста. Во книгата The Moral Basis of a Backward Society тој ја истакнува неразвиеноста на јужна Италија и ексцесивната потрага на тесниот личен интерес на своите жители. Следејќи го Банфилд, Путнам (1993) обезбедува многу интересни докази за позитивните ефекти на поалтруистичките култури за квалитетот на политичките институции.

Фокусирајќи се на работа на економските институции во доцните 90-ти и во почетокот на новиот милениум ги охрабри економистите да ги истражуваат повеќе неформалните од формалните институции, што ги однесе до експлицитно разгледување на културата. Институционално-ориентираните економисти како Ландес (1998) ги истакнуваат двете насоки на врски помеѓу културата до верувањата и вредностите, и од верувањата и вредностите до економските резултати при што констатираа нивно високо влијание. Овие културни фактори како: внимателно ракување со парите, напорна работа, упорност, чесност и толеранција, се во контраст со стравот од странци, религиозна нетолеранција и бирократската корупција, кои ги задушуваат претпријатијата. Неговиот цврст заклучок е дека "ако научиме нешто од историјата на економскиот развој, тоа е дека културата ја прави главната разлика."

Затоа мислам дека оваа македонска пролет е вистинско време за наша ментална преобразба. Само потоа, нашиов државен автомобил по многу бесцелни кругчиња свртени по балканскава калдрма, после политичкото консолидирање ќе може да ја фати европската економска магистрала. За да ја оправиме на долгиот пат колава мора да оди на четири нови тркала. Прво и најважно е постигнување на базичен консензус за ослободување на институциите, особено судот, за тоа каква власт ќе практицираме и какви вредносни принципи ќе застапуваме, како фундаментална платформа која ќе не обедини. Второ, неопходна е појасна волја, посилна енергија и мерлива определеност на властелините за суштински промени. Трето е неопходноста од користење на релевантно знаење како главна алатка за градење на домашната визија , и четврто, неопходен е нов политички морал и углед кој се печали пред своите граѓани и пред светот за да добиеме одговорни елити, кои место празната реторика се спремни целосно да се вложат во реализација на јавните или државните интереси. Не е лошо како резервно тркало да си понесеме и малку трпеливост и тврдоглавост за спроведување на се претходно, ако конечно сме раскрстиле дека само со труд а не со чуда може да излеземе од транзицискава кал.

Оттаму, стои еден силен императив пред нас: да веруваме во себе барем малку повеќе отколку што другите веруваат во нас. Тоа може да го потхраниме единствено врз потпирање на нашите успешни примери. "Дневник" е школска парадигма како за десет години, неколку новинари наоружани со здрава идеја и голем ентузијазам можат од корен да ја променат структурата на македонските печатени медиуми. Едновремено финансиски да пораснат и да реализираат уште една значајна мисија во зацврстување на јавноста како важен столб на демократското општеството. Да ги поттикнеш граѓаните да промислуваат за своите проблеми и јавно да говорат и застапуваат своите ставови е основно училиште каде се учи низ натпревар на идеи.

Досега, за нашата сиромаштија и недугавост постојано сме се ваделе дека за разлика од другите посеверни делови во регионот, ние сме пателе пет века под турско ропство. Навистина, еднаш Западот проба со генералот Пиколомини да му помогне на Карпош, па таа епизода пред три века заврши со палење на Скопје. Еве, историјата ни дава уште една шанса, па денес со унгарците во телекомот и Австријците во енергијата имаме уште една можност да раскрстиме со отоманскиот менталитет и да учиме од Австро-Унгарија.



(АВТОРОТ Е УНИВЕРЗИТЕТСКИ ПРОФЕСОР)
НАСЛОВНА

 

© 2001 Дневник, сите права задржани