Најнов број Насловна
Број 3015    сабота, 18 март 2006
 
 
 
 
 
 
 
   
THIS IS TEST TITLE
ЕПИДЕМИЈА НА БАЛКАНОТ
Момче од Србија болно од птичји грип?

Постојат сомненија дека 17-годишник од Бајина Башта, каде што првпат во Србија се пронајдени птици инфицирани со Х5Н1, е болен од птичји грип, јави Б92.

Епидемиологот Предраг Кон изјави дека засега не може да се тврди дека момчето е заразено со смртоносната болест само поради високата температура, бидејќи во овој период од годината има многу вирози и настинки.

- Момчето ќе биде изолирано 72 часа, а во овој период ќе се извршат и дополнителни тестови и ќе се воспостави дијагноза. Ако за овој период се намали температурата и не се јават респираторни тегоби, ќе се отфрлат сомневањата - изјави Кон.

Дел од ужичката болница веќе е приспособен за прифаќање евентуални болни од птичји грип, а директорот на здравствениот центар Дарко Маринковиќ потврди дека во тек е подготовка на карантин.

- Го испразнивме инфективното одделение, кое се наоѓа во посебна зграда, и го приспособуваме за карантин - рече лекарот Маринковиќ.

Бајина Башта е оддалечена од Ужице триесетина километри.

Во Израел , првичните тестови извршени врз примероци од илјадниците пцовисани мисирки на две фарми покажаа дека птиците биле заразени од вирусот на птичјиот грип Х5Н1, соопшти израелското Министерство за земјоделство, јави Ројтерс.

- За конечна потврда за смртоносниот вирус неопходни се 48 часа, но првичните тестови укажуваат дека мисирките ги убил вирусот Х5Н1 - изјави д-р Шимон Покомонски, кој додаде оти реонот е ставен под карантин.

Ветеринарните власти планираат да почнат со уништување на живината во радиус од три километри.

Американските научници предупредија дека смртоносниот вирус Х5Н1 е само на две мутации од генетската форма во која ќе почне да се пренесува од човек на човек и ќе предизвика пандемија што ќе го осакати човештвото.

Извршените анализи покажаа дека вирусот, кој во 1918 година ја предизвика шпанската грозница изгледал како најобичен вирус на грип. По мутацијата уби помеѓу 30 и 50 милиони луѓе.
НАСЛОВНА

 

© 2001 Дневник, сите права задржани