Најнов број Насловна
Број 3015    сабота, 18 март 2006
 
 
 
 
 
 
 
   
THIS IS TEST TITLE
ФОРМУЛА 1 - ГОЛЕМАТА НАГРАДА НА МАЛЕЗИЈА
Шумахер брка победа и рекордна 66. пол-позиција

Охрабрен од одличното второ место на трката во Бахреин, Михаел Шумахер верува дека ќе извојува победа на Големата награда на Малезија в недела (7.45 ч.), откако претходно на квалификациите ќе постави нов рекорд, освојувајќи ја 66. пол-позиција. Седумкратниот шампион на премиерниот натпревар годинава во Бахреин се израмни со легендарниот Аиртон Сена по бројот на освоени пол-позиции на квалификациите.

- Во минатата година овде имав една од најужасните трки, со пласман на 7. место, но во Малезија имам три победи во кариерата. Сега кога Ферари одлично функционира, не гледам зошто не би ја израдувале публиката - вели најискусниот возач во Ф1, кој истовремено е и загрижен поради тоа што неговиот тимски колега Фелипе Маса мораше да го промени В8-моторот. Бразилецот имаше успешен старт, но неговиот болид во Бахреин се блокира, а потоа загуби 40 секунди во боксот. Беше заклучено дека проблемот лежи во моторот, кој ќе биде заменет. Маса поради тоа утре ќе биде казнет со 10 места подолу на стартот, бидејќи е прекршено правилото еден мотор да трае две трки.

- Малку сум подисплашен, бидејќи станува збор за ист мотор како и мојот. Но, ние проверивме се и немаме никакви проблеми - додаде Германецот.

Шампионот Фернандо Алонсо лани беше победник во Сепанг, а и оваа сезона ја почна шампионски со триумф во Бахреин. Неговиот клупски другар Џанкарло Физикела "ќе биде освежен" со нов мотор, но нема да биде казнет со минус 10 места, бидејќи неговиот проблем од Бахреин не извираше директно од моторот. Рено ги "штеди" моторите и пред настапот на гран прито во Малезија изврши успешен баланс за да го приспособи болидот на брзите свиоци, што се одлика на Сепанг. Ги промени и гумите, наменети за тропски услови. Натпреварот бара и посебен режим за одржување на формата кај возачите, бидејќи температурите се екстремно жешки, а високата влажност го прави воздухот задушлив.

- Сепанг е една од моите најомилени патеки. Природните услови за тркање се многу тешки. Добро сум подготвен за новите промени кај болидот и верувам дека ќе бидеме целосно спремни на стартот - смета Алонсо, најмладиот шампион во историјата на Ф1.

Неговиот најголем конкурент од минатата сезона, Кими Раиконен, имаше проблеми со задното тркало на минатите квалификации, но потоа на трката од 17. позиција се искачи до 3. место со полн резервоар и со едно застанување во пит-стопот.

- Таа трка покажа дека МП4-21 болидот на Мекларен е конкурентен, иако во текот на трката бев хендикепиран со преполниот резервоар. Сега е многу важно да немам проблеми на квалификациите и да ги завршам успешно, бидејќи од тој настап најмногу зависи мојот исход на трката. По Бахреин, малку се одморив, а се подготвував за условите кои ги бара Сепанг - вели Финецот.

Неговиот тимски партнер, Хуан Пабло Монтоја, пред гран прито се пожали дека моторот на неговиот болид не го дава максимумот. Колумбиецот тврдеше дека неговиот мотор е за 7 коњски сили послаб од оној на Раиконен, но Мекларен одби да го промени. Мекларен верува дека моторот нема никакви проблеми, иако Монтоја речиси секој круг во Бахреин беше побавен за половина секунда од Раиконен.
НАСЛОВНА

 

© 2001 Дневник, сите права задржани