Најнов број Насловна
Број 3015    сабота, 18 март 2006
 
 
 
 
 
 
 
   
THIS IS TEST TITLE
САМОСТОЕН ТАКСИ СИНДИКАТ
Таксистите повторно со протести ќе го бараат своето

Таксистите повторно ќе протестираат пред Владата и Градското собрание од 3 до 7 април, најави вчера Самостојниот такси-синдикат. Протестите ќе траат од девет до 12 часот, а ако власта не одговори позитивно на поставените барања, тие ќе продолжат со зголемување на нивното траење за еден час. Целта е да се изврши притисок кај власта, за средување на проблемите во такси-дејноста.

- Ги повикуваме сите такси-компании од Скопје и од внатрешноста да ни се придружат на овие протести, за конечно да се решат нашите проблеми. На протестите нема да има парадирање низ градот, за да не им пречиме на граѓаните - рече Лазар Тодосиев, претседател на Самостојниот синдикат.

Синдикатот на протестите ќе побара такси-превозот да добие статус на основно средство за работа, да се отстранат "дивите" таксисти, да се ограничи бројот на такси-возилата, да се утврди единствена цена за превоз, да се изврши ревизија на издадените лиценци, да се унифицираат возилата и да се обезбедат поголем број паркинг-места за таксистите.

- За да се средат состојбите во дејноста, Министерството за транспорт и врски треба да донесе правилник за техничко-експлоатациони услови, со што ќе се прецизираат условите за работа на таксистите. Градот Скопје треба што поскоро да ја усвои одлуката за такси-дејност. Овие институции веќе подолго време ги игнорираат нашите барања - вели Тодосиев.

Тој додаде дека властите имаат време до 3 април да размислат и да почнат да ги исполнуваат законските обврски, бидејќи таксистите не бараат ништо надвор од законот.

- Овој пат нема да прифатиме само ветувања, туку ќе инсистираме на потпишан договор - рече Тодосиев.

Тој соопшти дека таксисти одат во затвор, бидејќи не можат да ги платат казните за паркирање на недозволени места. Според него, таксистите немаат друг избор освен да паркираат и на недозволени места, бидејќи има 2.600 лиценцирани таксисти, а Градот Скопје обележал само 270 паркинг-места.

Претседателот на СТС најави и дека наскоро нивните членови ќе почнат да вршат маркетинг на домашни и странски компании, за што од Синдикатот ќе добиваат месечен надоместок во износ од минимум 3.000 денари. Според синдикатот, во тоа нема ништо нелегално, бидејќи наплаќањето ќе оди преку жиро-сметки во договор со субјектите за рекламирање. Рекламните кампањи таксистите ќе ги спроведуваат така што ќе делат летоци, капчиња, маички и рекламен материјал внатре во такси возилата, за кои ќе бидат обврзани да им бидат чисти.

Самостојниот такси синдикат има 400 члена. (А.О)
НАСЛОВНА

 

© 2001 Дневник, сите права задржани