Најнов број Насловна
Број 3015    сабота, 18 март 2006
 
 
 
 
 
 
 
   
THIS IS TEST TITLE
И ГЕРМАНИЈА СКЕПТИЧНА ЗА ПРОШИРУВАЊЕТО
Наместо членство, Меркел предлага партнерство со Балканот

Сцетлана Јовановска - Наша дописничка од Брисел



Германскиот канцелар Ангела Меркел предлага "привилегирано партнерство" на ЕУ со земјите од Западниот Балкан наместо полноправно членство, јавува интернет-агенцијата ДТТ-Нет. Агенцијата се повикува на официјален транскрипт од прес-конференцијата на Меркел по средбата со нејзиниот словенечки колега премиерот Јанез Јанша, во средата во Берлин.

На новинарско прашање дали европската перспектива за земјите од Балканот може да значи и нешто помалку од полноправно членство на овие земји во ЕУ, Меркел рече: "Од моја страна би сакала да нагласам дека терминот ?привилегирано партнерство' не треба да се избегнува".

Со оваа изјава, прва на европски лидер во ваква насока, Меркел отвори сомневања во заложбата на Германија за понатамошно проширување на блокот. Привилегираното партнерство досега Германија го туркаше за земји како Турција и Украина, а за Балканот важеше опцијата полноправно членство.

- Мислам дека прашањето на полноправно членство не треба да биде следното прашање, сега е поважна политичката стабилизација за која Европа треба да чувствува одговорност. Политичка стабилизација се разбира не значи дека никогаш нема да дојде до членство, но (...) други чекори сега се позначајни - изјави Меркел во Берлин.

Оваа изјава е сосема спротивна на ставот на комесарот Оли Рен кој пред два дена во Европскиот парламент рече дека е опасно и крајно неодговорно на Балканот да му се одзема европската перспектива во моментот кога е тргнат во насока на трајна стабилизација и токму пред тешкиот период во кој ќе се водат преговори за статусот на Косово. ЕУ на минатонеделниот состанок со Западниот Балкан во Салцбург ја потврди европската перспектива која на регионот му беше дадена во 2003 година во Солун.

Изјавата на Ангела Меркел оди во насока на извештајот за проширувањето што ЕП го усвои во четвртокот и во кој се вели дека треба да се води сметка за капацитетот на ЕУ да прима нови земји-членки повикувајќи ја ЕУ да ја заврши институционалната реформа, која пропадна со одбивањето на уставот и да ги дефинира своите граници до крајот на оваа година.

- Без уставна повелба институционалните реформи за проширување на ЕУ е тешко замисливо - вели Меркел.

Истиот тон веќе одамна пристигнува и од Париз. Францускиот премиер Доминик де Вилпен во јануари рече дека Европа не може да се шири неограничено и дека мора да се најде баланс помеѓу ширењето и продлабочувањето.

- А во овој момент приоритет е продлабочувањето на ЕУ - рече Де Вилпен.

Според првите неофицијални анализи во Брисел, изјавите на Меркел и де Вилпен исто како и извештајот на Елмар Брок усвоен завчера во ЕП се пред се притисок врз земјите-членки да се тргне во повторно отворање на уставното прашање и длабока институционална реформа.

Договорот од Ница според кој ЕУ во моментов функционира предвидува Унија со максимум 27 земји-членки.
НАСЛОВНА

 

© 2001 Дневник, сите права задржани